Каков е клубот Фатих Карагумрук каде Пирло стана нов тренер

Андреа Пирло ја продолжува тренерската кариера на неочекувано место. Добил супер понуда која не се одбива од турски Фатих Карагумрук. Според Corriere dello Sport, некогашниот тренер на Јувентус ќе добива 1,5 милиони евра по сезона плус бонуси.

Андреа Пирло ја почна тренерската кариера во великанот Јувентус каде заврши како играч. Од клупата ги водеше бјанконерите до пехарот во Куп и Суперкуп на Италија, но првпат за 9 години гигантот не го освои скудетото. После тоа Пирло седеше без работа.

„Имав многу контакти со разни клубови како во Италија така и од странство, но амбициите на клубов (Фатих Карагумрук) ме убедија дека изборот е лесен. Прифаќањето на понудата е идеален избор за мојата кареира, а работа во странство ми беше цел“, рекол легендарниот Пирло на првата прес-конференција во Турција.

Во Италија Пирло имал понуди само од екипи аутсајдери како Специја, Салернитана и Сампдорија. Инсајдерот Фабрицио Романо рекол дека Пирло ја одбил Салернитана во време кога екипата беше последна на табела а сите 3 заинтересирани клуба на крајот се изборија за опстанок.

Пирло минатото лето изјави дека сака да работи во странство.

„Поминав три години во САД така што со англискиот немам проблем, а зборувам и француски. Чувствувам дека може да одам каде треба. Следам многу разни тренери, може да се научи од секого нешто. Се сретнав со Маурисио Почетино на одмор на Ибица и ми предложи да одам во Париз. Ако можам би сакал да одам и до Манчестер да се сретнам со Гвардиола. Спремен сум за нови предизвици“.

Пирло минатата година имал варијанти да стане тренер на Фенербахче, Бенфика, а го спомнуваа дури и за Барселона пред доаѓањето на Чави. На крајот го презема осмопласираниот клуб од Турција.

КАРАГУМРУК Е ОСНОВАН ПРЕД 100 ГОДИНИ НО НЕ ОСВОИЛ НИШТО ВРЕДНО

Бројот на клубови од Истанбул за следната сезона во турската Суперлига оди до 8 од 19 клуба. Умраниеспор и Истанбулспор им се приклучија на Фенербахче, Бешикташ, Галатасарај, Истанбул Башакшехир, Касимпаша и да: Фатих Карагумрук.

Новиот тим на трофејниот фудбалер и новопечен тренер е далеку зад градските соседи. Како и сите останати клубови од Истанбул (освен Истанбулспор) е наречен во чест на реонот од градот (Фатих) и Карагумрук - една од населбите во овој реон.

Но Фатих Карагумрук не е клуб од вчера. Има стогодишна историја. Се појавил во пролетта 1926 благодарение на обединување на клубовите Аџичешме и Карагумрук Генчлери. Тогаш ги одбрале црвено-црните бои на дресот во кои играат до ден-денес. Овие бои им ги симболизираат димот и пламенот затоа што клубот првично бил под капа на локалната пожарникарска служба.

Турските „росонери“ кои ќе ги води Пирло:

Во 1959-та година Фатих Карагумрук бил меѓу основачите на новата турска Суперлига но за целата клупска историја во ова друштво поминал само осум сезони (со Пирло ќе им биде деветта): од 1959-та до 1963-та, во 1983/1984 и од 2020-та па до денес.

Екипата никогаш немала голем успех во купот каде најдалеку стигнала до четвртфинале.

Карагумрук еднаш паднал ниско во регионалните лиги па дури од 2009 до 2012 играл во градска аматерска лига. Во 2012-та влегле во четврта лига (најниска во турскиот професионален фудбалски систем), во 2014-та во трета. Но преломен момент станал јуни 2018-та.

КАРАГУМРУК ГО ЗЕМАЛ НОВ СОПСТВЕНИК КОЈ ПРОДАЛ ИМОТ ЗА ДА ГО КУПИ КЛУБОТ И НА НАВИВАЧИТЕ ИМ ВЕТИЛ СУПЕРЛИГА

Пред четири години 71% од акциите на Карагумрук ги купил некогашниот менаџер на Трабзонспор, Самсунспор и Кајзериспор, Сулејман Хурма. Тој се прославил во Кајзериспор каде работел спортски директор повеќе од 10 години и од скромен клуб направил претендент на високи места.

Во 2007-ма за најголемите ѕвезди на клубот, Гокхан Унал и Мехмет Топуз се заинтересирале најголемите клубови од Истанбул но тој ги одбил така што во Истанбул на видно место во центарот нарачал плакат со натпис: НЕ ГИ ПРОДАВАМЕ!

Во Кајзериспор стекнал репутација на менаџер кој умее паметно да работи. Купувал играчи по неколку десетина илјади евра а ги продавал по неколку милиони. На пример Мехмет Топуз бил доведен како слободен играч во 2004-та а во 2009-та го продале за 9 милиони евра.

Гокхан Унал во 2003-та бил купен за 5.000 евра а во 2008-ма направилт рансфер вреден 6,2 милиони евра. Нордин Амрабат во 2011-та бил донесен за 1,1 милиони евра, а во 2012-та за него заработиле 8,6 милиони евра!

„Немав пари за клуб од прва лига, па затоа гледав во пониските лиги. Продадов имот за да земам и кредит и вложив се за да го купам клубот“, вели Хурма кој од спортски директор сега е сопственик.

Менаџерското искуство му помогнало со Карагумрук да направи одлични резултати. За две сезони од трета влегле во прва лига. Во втора лига завршиле на петто место но победиле во баражот за Суперлига.

Во елитата клубот го внел 37-годишниот млад тренер Шенол Џан. Управата му дала шанса и во Суперлига.

На полусезона Џан го напуштил клубот а наместо него дошол Италијанецот Франческо Фариоли кој работел како помошник тренер во Аланјаспор. Фариоли имал 32 години кога седнал на клупата.

Во првата сезона во Суперлига завршиле на 8. место од 21 клуб. Втората сезона била иста. Одново смена на тренер на полусезона и освоени 8. место од 20 клуба (пет бода повеќе од Галатасарај и два зад Бешикташ). Во Купот стигнале до четвртфинале.

КОЈ ГО СМЕНИЛ ФАРИОЛИ?

Во декември лани Италијанецот се вратил во Аланјаспор но како главен а не помошен тренер. На негово место во Карагумрук дошол легендарниот турски голман Волкан Демирел кој гради тренерска кариера. Поранешниот репрезентативец на Турција работел и во стручниот штаб на Фенербахче.

„Сите очекуваат јас да станам тренер на голмани зошто јас сум голман, но моја цел е да бидам тренер на екипа. Секогаш ќе им помагам и ќе ги поддржувам голманите, но спремен сум за целосна тренерска должност“, вели Демирел.

Под негово водство, Фатих Карагумрук одиграл 22 меча во Суперлига и имал учинок: 10 победи, 5 нерешени и 7 порази. Плус две победи и еден пораз во Купот. По крајот на сезоната Демирел објавил дека ќе се раздвојат на барање на претседателот на клубот иако договорот му важел 2,5 години.

Интересно, Андреа Пирло ќе биде највозрасен тренер на Фатих Карагумрук. Тој има 43 години и 24 дена а пред него Волкан Демирел бил тренер со 40, Шенол Џан со 37 а Франческо Фариоли со 31 година.

Веднаш по пласманот во Суперлига, Фатих Карагумрук ја засилил екипата со сериозни играчи. Во 2020-та дошле Лукас Биља од Милан, Бертолачи од Сампдорија, Вивиано и Ервин Зукановиќ од СПАЛ, Фабио Борини и Јуре Балковец од Верона, Лукас Кастро од СПАЛ, Бања од Верона, Давиде Бираски и Абдулаје Туре од Џенова итн.

Повеќето од нив многу ќе му го олеснат престојот на Пирло. Тој на првата прес-конференција рекол дека составот одиграл клучна улога во одлуката:

„Голем љубител сум на фдубалот па секогаш следев странски лиги меѓу кои и турската. Видов дека во овој клуб играа Италијанци и тоа ме побуди да го следам и минатата година. Пред неколку дена се појави можност да се договорам со клубот и почнавме преговори. Ги следев италијанските тренери кои работат во Турција. Затоа ми беше интересно да дојдам овде“, вели Пирло.

А газда Хурма вели:

„Не земам играчи од Англија кои заработуваат многу но во Серија А нивото на плати е такво што можно е да се земат добри играчи кои може да ни помогнат“.

30-годишниот Србин Александар Пешиќ кој во 2016/2017 одигра 6 меча за Аталанта, е главен напаѓач на Карагумрук. Штотуку завршената сезона имал 14 гола со 4 асистенции на 31 меч. Вториот стрелец на екипата, Бертолачи има двојно помалку голови - 7 но за пола сезона зошто го продале за 1 милион евра во Кајзерспор.

Во Карагумрук играат и Ахмед Муса и Џанер Еркин. Трансфермаркт ја проценува вредноста на сите играчи вкупно на 31,5 милиони евра и тоа е 12. место од 20 клуба во лигата, најниска меѓу истанбулските.

ТЕРЕНОТ ИМ Е БЛИЗУ ВИЗАНТИСКИ ЛОКАЛИТЕТ НО ИГРААТ НА СТАДИОНОТ КАДЕ ПИРЛО ДОЖИВЕА НАЈБОЛЕН ПОРАЗ ВО КАРИЕРАТА

Ако на спортски план Карагумрук при газда Хурма одлично напредувал, со инфраструктурата уште имаат мака. Немаат свој сопствен стадион ни ту база па скитаат по цел Истанбул.

Низ историјата најмногу играле на своето мало стадионче „Вефа“ кое собирало 6.000 луѓе но ова место било изградено на локалитетот близу едно од најголемите акумулациони езера уште од византиско доба. Во Константинопол немале големи извори на пиечка вода па затоа во градот поставувале подземни и надземни цистерни од кои жителите се напојувале.

Вештачкото езеро (цистерна) Азција имало правоаголна форма и било 225 на 85 метри со длабочина од 13 до 15 метри. Било изградено во 421 година а после повеќе од 1600 години на таа локација се изградил мал стадион.

Фудбал тука се играл од 1926-та година но во 1942-ра тогашниот министер за образование Хаси Алан Јуџел му го одзел правото на Карагумрук да игра на тоа место.

Навивачите на Карагумрук биле многу незадоволни што стадионот му бил одземен на клубот и даден на клубот Вефа кој немал никаква врска со реонот. Но подоцна стадионот им бил вратен.

На ова стадионче Фатих Карагумрук играл дури и во време на пандемија а локалните навивачи од балконите палеле бакљи и го бодреле тимот.

Но потребите за Суперлига се многу посериозни така што веќе екипата нема да може да игра на ова мало стадионче како некогаш, туку ќе игра на 75.000 големиот Олимписки стадион „Кемал Ататурк“. Токму на тоа место Пирло го доживеа најтешкиот пораз во кариерата, во финале на Лига на шампиони во 2005-та кога и самиот промаши пенал против Ливерпул.

„Сега се надевам дека ќе ми носи добри резултати. Јас сум тука за да успеам да стигнам до врвот на Суперлига“, рекол Италијанецот.

Во првата сезона по враќањето во Суперлига екипата играла на дури 8 различни стадиони.

„Не ми е лесно секој пат кога морам да им кажам на играчите дека треба да идеме ваму или таму. Имаше фудбалери кои не напуштија поради тоа и играчи кои не дојдоа поради тоа. Ако во долгорочна перспектива нема решение јас ќе го предадам клубот некому да се справи подобро од мене“, рекол Хурма.

Тој вели дека немал ни можности ни врски да изгради нов стадион. Минатата година рекол дека се надева дека претседателот Ердоган и министерот за спорт ќе им го реши прашањето со стадион.

16 јуни 2022 - 10:04