Угледниот Дејли Мирор отиде со ваков наслов: „Најлошото засилување на сите времиња“, а потоа вели вака: Престојот на белгиското крило досега не беше ништо помалку од катастрофа и се чини дека Зинедин Зидан го губи трпението.
За прв пат дури и тој остана без зборови кога го прашаа за уште една нова повреда на Азар.
„Нешто се случи, бидејќи тој никогаш не беше повреден во кариерата пред да дојде во Реал или пак имаше многу малку повреди. Има работи кои не можам да ги објаснам“, изјави стратегот на Реал едвај сокривајќи ја фрустрацијата по веста дека Азар повторно ќе отсуствува на дуелот против Аталанта во ЛШ.
Фер е да се каже дека преселбата на Азар од Челси на Бернабеу до сега не беше ништо помалку од непогрешлива катастрофа досега и овој последен удар е сепак лоша вест за човекот кој порано блескаше во Премиер лигата.
Па како дојде до ова? Да фрлиме еден поглед наназад во последниве година и пол.
СОНОТ МУ СЕ ОСТВАРИ
По седум сензационални години во Челси во кои четири пати ја освои наградата за најдобар играч на клубот, на Азар конечно му беше дозволено да продолжи понатаму во летото 2019-та, откако Сините ја прифатија првичната понуда од 89 милиони фунти од Мадрид.
Трансферот беше еден од најскапите во историјата на фудбалот, а од Азар се очекуваа огромни работи, бидејќи се сметаше за најновиот “Галактико“ на клубот. На Бернабеу го пречекаа 50.000 навивачи, а Азар рече:
„За ова сонував уште од мал и отсекогаш навивав за Реал Мадрид. Ќе се обидам да станам најдобриот играч на светот, но прво сакав да бидам во најдобриот тим на светот. Јас не сум Галактико, но ќе се обидам да бидам, засега сум Еден Азар“.
Му го дадоа легендарниот дрес со број 7 кој претходно го носеа играчи како Кристијано Роналдо и Раул, а тоа покажува колкава верба имаше клубот во него, гледајќи го како нивна ѕвезда.
БАВЕН СТАРТ
Дебито беше одложено како знак за нештата кои потоа ќе му се случат и тој ја повреди тетивата по што ги пропушти првите три натпревари во Ла Лига.
Дебитираше кога влезе од клупа против Леванте, но дури три меча подоцна го постигна првиот гол и асистираше во победата против Гранада од 4:2.
Потоа на следните три меча направи уште две асистенции и изгледаше дека полека го фаќа чекорот во Шпанија.
КАТАСТРОФА ВО ЛШ
Страшната ноќ за Мадрид се влоши уште повеќе во септември 2019-та кога Азар се повреди за време на понижувачкиот пораз од ПСЖ во групната фаза. Првично се чинеше дека има само модринка на глуждот и се очекуваше да пропушти само две недели акција.
Сепак дополнителните тестови покажаа дека има сериозно пукање на коската на стапалото, горчлив удар кој го исклучи од следните 16 натпревари на сите натпреварувања.
Тоа беа тешки моменти кои требаше да ги надмине во време кога само што почна да прави серија од ветувачки настапи.
НОВИ ПОВРЕДИ
Азар конечно го оствари долгоочекуваното враќање во февруари против Селта Виго и направи една асистенција во следните два натпревари. Но заработи нова повреда против Леванте и беше принуден да ги пропушти двата огромни натпревари против Барселона во Ла Лига и Манчестер Сити во ЛШ.
Потоа следуваше операција на глуждот и нова пауза од три месеци. Првата сезона во Ла Лига за Реал Мадрид ја заврши со 16 настапи и само еден гол.
КИЛАЖАТА ГИ РАЗБЕСНУВА ТРЕНЕРИТЕ
Азар понекогаш во Челси беше обвинуван дека на претсезонските подготовки се појавува здебелен. Тоа се случи и во Мадрид пред стартот на оваа сезона кога се појави со пет кила повеќе. Во прашање беа доведени неговите навики.
НАВИВАЧИТЕ СЕ СВРТЕА ПРОТИВ НЕГО
Работите не тргнаа подобро за Азар ниту во досегашниот дел од сезонава, бидејќи тој повторно беше надвор од тимот поради разни повреди.
Навивачите на Реал Мадрид изгубија верба и во анкетата на Марка направена претходниот месец го изгласаа за најлошо засилување на клубот на сите времиња, дури и пред непопуларните Герет Бејл и Џонатан Вудгејт.
Најновата повреда на Азар може да се покаже како последна сламка и тој може да го пропушти остатокот од сезоната ако му прават нова операција.
И СЕГА ШТО ПОНАТАМУ?
Има многу примери на играчи кои имаат тешка прва сезона и потоа тешко се враќаат за да ја покажат својата вредност.
А фактот што Азар не успеа да блесне во ниту една од првите две негови сезони на Бернабеу е огромна причина за загриженост. Па дури има и такви кои веруваат дека тој никогаш нема да може да се врати во најдобрата форма.
Би било навистина тажен крај, бидејќи сонот на Азар се чини дека се распадна пред неговите очи.