Начинот на кој Жозе Мурињо го подготви финалниот натпревар од Лигата на Европа против Севиља, веројатно не се разликува премногу од неговата прва работа во фудбалот.
Татко му на Мурињо е Жозе Мануел Мурињо Феликс, прво голман кој бранеше со години во Виторија Сетуба и Белененсес, од каде дури имаше и еден настап за Португалија, а подоцна и фудбалски тренер. Мајката на Мурињо работела како учителка и била загрижена што Жозе Сениор не покажува доволно интерес да гi интегрира Жозе Јуниор во нивниот секојдневен живот.
Тренинзите и патувањата го направија своето. Тој ги воспитуваше играчите што ги тренираше многу повеќе од своето дете, па Марија Јулија инсистираше од нејзиниот сопруг да најдат начин да се доближат повеќе до нивниот син, кој беше силно влезен во тинејџерскиот бунт.
Фудбалот беше главната точка на контакт помеѓу Феликс и Жозе. Едниот беше професионален фудбалер, а другиот беше буквално опкружен со тренинзи, натпревари и стадиони од првиот ден во својот живот.
Тој израснал опкружен со тренери, разговори за фудбал и многу брзо сфатил дека се работи за нешто многу поголемо од обична игра. Го разбираше влогот во фудбалот и виде дека на татко му тренерската работа му одзема многу време, многу повеќе отколку кога беше голман. И наместо да биде фрустриран што татко му има сè помалку време за него, тоа го заинтегрира. Затоа Феликс реши да го спои пријатното со корисното.
ЏЕПАРЛАК И ТЕТРАТКА
Се работи за време долго пред WyScouta или InStata каде може да ги проверите сите снимки со два клика. За подготовка на меч, било потребно да се оди и да се гледа противникот за да се проучи како игра. Феликс таа задача му ја даде на Жозе.
Му ги плаќал картите, а тој како тинејџер викендите ги поминувал на стадионите во португалската лига каде набљудувал и фаќал забелешки. Основната задача била да ги анализира противниците, да запишува во тетратката и потоа на состанокот каде што се подготвува планот за тој противник, да предложи модели за да ги запрат нивните клучни играчи.
Тоа го одбележа целиот фудбалски пат на Мурињо. Кога се приближува натпревар, неговиот примарен инстинкт е да се концентрира на тоа како да го запре противникот.
Така е учен и од самиот почеток татко му ја ставил пред него потребата да го брани сопствениот гол. Беше голман, а кога стана тренер во Португалија беше познат како специјалист за одбрана. Главната причина поради која Рио Аве го врати по една сезона во првата лига е затоа што неговиот наследник примил 45% повеќе голови од стариот Мурињо.
Кога повторно го презеде Рио Аве, го намали бројот на примени голови на првобитното ниво. Нападот страдаше, но Феликс Мурињо редовно ги запираше противниците и кога некој требаше да ја поправи одбраната, го бараше него.
Јасно е дека Жозе ги впил неговите размислувања. Му беше татко, но и тренер и прв работодавец во фудбалот. Тој му ги обликуваше фудбалските ставови во неговите тинејџерски години и му ја даде рамката што малиот Жозе реши да ја следи.
Тоа најдобро го илустрира ситуацијата кога последен пат Жозе Мурињо беше во финалето на Лига Европа. Таа сезона Манчестер Јунајтед потроши 100 милиони евра само за Пол Погба. Да не потрошеше ниту евро повеќе, само инвестицијата од обештетувањето на Погба ќе беше доволна да го надмине годишниот буџет на Ајакс.
Без плата, без други играчи, ништо друго освен голото обештетување кое Јунајтед му го плати на Јувентус. Беше јасно дека Јунајтед е фаворит против Ајакс. Мурињо имаше посилен тим, повеќе талент и огромно искуство на највисоко ниво. Дали тоа значи дека тој ја подготвил играта тргнувајќи од сопствените квалитети и дека барал начин како Јунајтед да комбинира против Ајакс? Се разбира не.
СЕДУМ ОСУМ НАТПРЕВАРИ
„Гледав осум натпревари на Ајакс, изјави Мурињо за португалскиот Tribuna Espresso околу подготовката за финалето од Лигата на Европа против Ајакс.
„Во Англија ги гледам последните два-три натпревари, бидејќи повеќе ги познавам противниците, но во Европа ми треба повеќе време. За мене анализата на противникот е клучна затоа што сè што тренирам и играм е директно под влијание на анализата на противникот. Сакам да предизвикам нестабилност кај мојот противник. Го пуштивме Ајакс да игра од задната страна со блокирање на Матијс де Лихт и со пуштање преку Давинсон Санчез кој имаше многу повеќе проблеми, а потоа го ротиравме нашиот среден ред и го ставивме Пол Погба пред Андер Ерера и Маруан Фелаини, затоа што сакавме да бидеме повисоки и подоминантни во таа зона. Сите велеа дека Ајакс игра прекрасен фудбал, но за мене е прекрасно да не му го давам на противникот тоа што го сака“.
Иако имаше посилен и поскап тим, Мурињо против Ајакс постави тим на таков начин што ќе го искористи фактот што Давинсон Санчез носи лоши одлуки во поседот на топката. И покрај сиот квалитет што го имаше, Мурињо го градеше својот план пред сè на пропустите што ги детектираше кај противниците.
Нема причина да се сомневаме дека на ист начин го подготви натпреварот против Севиља. Погледна седум, осум или девет натпревари кои ги одигра Севиља таа сезона, ја отвори својата тетратка, онаква со каква што татко му го испрати за да ги гледа противниците што го чекаа следниот викенд - и запиша во што е лоша Севиља. Од тоа ќе тргне и играчкиот план за натпреварот.
Тоа е она што Мурињо навистина го прави да биде Мурињо. За него, победата е само нуспојава од тоа да се биде подобар од некој друг во судир и да не му го дадеш тоа што го сака. Буквално, тоа е одраз на првата работа што ја имал. Жозе Мурињо размислува како момче со тетратка во која запишува што прават неговите противници и планира како да ги спречи. И обично во тоа е навистина брилијантен.
Само, има уште еден интересен аспект на сето ова. За Мурињо победата е манифестација на супериорност. Наградата сама по себе не е доволна, таа мора да има и елемент на конфликт.
МЕНТАЛИТЕТОТ НА ОПСАДА
Многу луѓе денес ќе речат дека тој елемент на конфликт доаѓа од фрустрацијата што настана кога тој беше прескокнат во Барселона. Дотогаш Мурињо беше дете кое ги скаутираше противниците и непогрешливо ги детектираше нивните маани, потоа беше врвен студент, па преведувач на Боби Робсон, а потоа започна независна тренерска кариера која кулминираше со освојување на ЛШ со Порто. Следуваше преселба во Челзи каде всушност стана најголемата тренерска ѕвезда во светот. И секако го сфати лично тоа кога шпанските медиуми со потсмев му ја закачија етикетата на преведувач.
Мурињо беше преведувач. Бил и снимател бидејќи кога заштедил доволно од хонорарите што му ги плаќал татко му, првото нешто што го купил е камера. Сакал повторно да погледне некои работи и да ги анализира подетално, но сфатил уште една работа.
Тренинзите ги снимал за да може да им покаже детали и да бара објаснувања, а доколку не ги добие од тренерите кои ги поставувале вежбите, ги барал од некои други. Затоа станал преведувач. Едноставно, не пропушташе можности да дојде во ситуација да собере малку знаење и да стане подобар тренер.
Меѓутоа, тој дел од конфликтот отсекогаш бил во него. Мурињо не се преправа. Постојано е лут, саркастичен и по малку аутсајдер, не се труди да се вклопи во нормите туку постојано ги предизвикува и се обидува да ги тестира со кревање тензии. На крајот на краиштата, Мурињо дури и со своите играчи комуницира преку конфликт. Не ги напаѓа, туку ги уверува дека целиот свет е против нив, ги претставува играчите како сојузници во конфликтот што го има со судиите, медиумите и сите околу него.
Тој менталитет на опсада е исклучително моќна алатка. Кога ќе ги убедите играчите дека можат да сметаат само на себе и дека сите останати ги ставаат под нивни нозе, можете многу брзо да добиете огромна групна кохезија. Мурињо целеше токму на тоа. Феноменот на втората сезона на Мурињо, која гарантираше трофеи, доаѓа од тоа што во првата сезона тој го градеше тимот и ги креваше тензиите до таа мера што во втората сезона кохезивноста на групата беше на максимум.
Високата групна кохезија нуди ментална стабилност и висока мотивација, а Мурињо го искористи тоа за да постигне резултати на сличен начин како Антонио Конте. Тоа не е долгорочна работа и обично тимовите под водство на Конте и Мурињо ќе доживеат замор во третата сезона и ќе исфрлат голем притисок, но таа втора сезона секогаш беше магична и секогаш даваше резултат. Титулите во Порто, Челзи, Интер, Реал Мадрид и повторно во Челзи дојдоа во таа втора година.
И втората година беше толку успешна затоа што Мурињо не беше само мотиватор или манипулаторот кој го убедуваше своите екипи дека сите се против нив и дека мора да заглават за да покажат дека сепак вредат. Мурињо беше тактички гениј и ученик на играта.
ПОТПИС ВО ПРЕМИЕР ЛИГАТА
Да речеме, начинот на кој ја прегази Премиер лигата во својот прв мандат е фасцинантен. Повеќето клубови, вклучувајќи ги Манчестер Јунајтед и Арсенал како најголеми конкуренти, играа во формација 4-4-2. Мурињо застана, ја зеде тетратката и почна да анализира. Многу брзо сфати дека решението е едноставно. Ако противникот игра во 4-4-2, тоа значи дека има четворица во бековската линија, двајца напаѓачи, две крила и двајца играчи од средниот ред. Ја задржа четворката во бековската линија, задржа две крила, но еден напаѓач го префрли на позицијата последен среден бек и на средината на теренот дојде до ситуација да има тројца играчи против двајца противници.
Го немаше последниот играч за врска за да ја засили одбраната. За сметка на таа дополнителна бројка, Челзи ги газеше противниците кои не можеа да им парираат на комбинацијата од тројца играчи кои го затвораа триаголникот и кои секогаш имаа опции за додавање, а Френк Лампард со вклучување во завршниците го компензираше недостатокот на втор напаѓач. Тоа беше потписот на Мурињо, исто како контранападот на Реал, кој можеби е најдобар во историјата на фудбалот.
На крајот на краиштата, Мурињо донесе во Англија, а потоа и во остатокот од светот, нешто што се нарекува тактичка периодизација. За време на студиите се запознал со поинаков концепт на фитнес тренинзи во споредба со она што го сретнал кога работел со татко му. Тој направи револуција во фитнес тренингот на највисоко ниво бидејќи елиминираше изолирани трчања и изолирани технички вежби. Сето тоа го натрупа во тренинг кој го менуваше интензитетот во зависност од времето од сезоната и колку е блиску следниот натпревар. Тоа не е банална работа, туку беше нешто авангардно во 2003 или 2005 година, а токму неговите резултати му дадоа легитимитет на таквиот пристап, што помогна таквата методологија да се прошири низ целиот свет.
Па зошто Мурињо, ако е толку генијалец, моментално е шести во Серија А и зошто осум години не може да ја освои титулата?
Затоа што е тврдоглав.
„Сè уште не ја разбирам таа ваша приказна за напаѓачки фудбал, бидејќи за мене е можно да се игра напаѓачки само кога имаш посед на топката“, рече Мурињо на една од неговите прес конференции кога беше во Манчестер Јунајтед. „Но, кога противникот ја има топката, тогаш треба да се вратите на својата половина и да ги браните приодите кон вашиот гол.
ЧИТАЊЕ НА ПРОТИВНИКОТ
Еволуцијата на фудбалската игра го избриша она за што зборува Мурињо. Веќе некое време во фудбалот не важи правилото дека се враќате во одбрана кога противникот ја има топката. Темпото на игра бара да реагирате веднаш штом ќе ја изгубите топката и каде ќе ја изгубите. Всушност, сите врвни тимови денес играат на таков начин што веќе со посед на топката играат одбрана бидејќи одржуваат структура која им нуди опции да притиснат веднаш штом ја загубат.
Пресингот стана мејнстрим некаде околу 2011 или 2012 година. Луѓето полека сфатија дека поентата на Барселона на Гвардиола не е да направи илјада додавања, туку да ја врати топката во рок од шест секунди откако ќе ја загуби. Ова го отежнува играњето, а не додавањата. Паралелно, во Германија се развиваа Јирген Клоп и низа тренери кои испаднаа од мантилот на Ралф Рангник и фудбалот се промени. Во модерниот фудбал нападот и одбраната се играат паралелно, нема повеќе да се браниш кога ќе се вратиш на сопствената половина, туку штом ја изгубиш топката веднаш се обидуваш да ја освоиш, провоцираш грешка и бараш ситуација од која можеш повторно да нападнеш.
Мурињо е предобар за да го прочита тоа што го прави противникот и наоѓа начини да го спречи. Тоа ќе го покаже натпреварот против Севиља. Нема сомнеж дека Мурињо знае каде се слабите точки на противникот и како да ги искористи. Од првиот пат кога ја зеде тетратката и отиде да гледа натпревари во Португалија, Жозе Мурињо непогрешливо ги чита натпреварите.
Ако на ист начин би се прочитал себе си, многу брзо би открил каде е проблемот. Тој брзо ќе сфати дека нападот и одбраната не се одвоени и дека враќањето на својата половина кога противникот ја има топката ги ограничува можностите за напад.
На еден или два меча може да упали, како кога ја освои Конференциската лига со Рома. Функционираше и следната сезона, со оглед на тоа што се пласираше во финалето на Лига Европа. Но, големата разлика меѓу Лигата на Европа и Лигата на шампионите е што игра 0:0 може да донесе резултат во куп натпреварувањата, но не и во лигата. Така Мурињо останува да игра второкласни натпреварувања затоа што останува далеку од Лигата на шампионите.
Фудбалот имаше две големи револуции во последните 50 години. Првата беше онаа на Ариго Саки на крајот на 80-тите, кога воведе зонски елементи во фудбалот, а втората е оваа импресивна револуција која кулминираше во раните 10-ти. Мурињо е врвот на таа ера на Саки, можеби најдобриот и најкомплетниот фудбалски тренер според тие стари закони. На крајот на краиштата, во историјата на тренерската работа, никогаш немало толку привлечна личност за медиумите како Жозе Мурињо. Човекот создаде легендарен статус. Сепак, тој не успеа да направи скок во модерниот фудбал. Тој одби да се промени и тврдоглаво ја отфрли можноста дека другите смислиле нешто подобро.
Затоа беше осуден на споредни улоги. Тој сè уште е генијалец кога е во прашање подготовката за неговиот следен противник и сè уште е неверојатно харизматичен лик. Жозе Мурињо секогаш ќе има свои фанови.
Но, како што не го смени примарниот инстинкт со кој пристапува кон анализа на натпреварите и во кој единствено се концентрира на тоа како да го запре противникот без разлика дали е фаворит или аутсајдер, тој не се прилагоди на стиловите кои се појавија. Модерниот фудбал го прегази, што е штета бидејќи на фудбалот му треба Жозе Мурињо.