Како Карлос го прибрал малиот Марсело дома и го направил наследник

Речиси малку е познато дека легендарниот Роберто Карлос и неговиот миленик Марсело прв и последен пат заедно на официјален натпревар поминале само три минути кога малиот Марсело дебитирал против Депортиво.

Во чест на дедо му

Марсело никогаш не се жалел на тешкото детство, бандитските улици или сиромаштијата во фавелите, иако неговото семејство живеело во еден од победните краеви на Рио де Жанеиро.

Мајка му, Марија, била наставничка, а татко му Марсело-постариот пожарникар. Идната ѕвезда на Реал Мадрид и светскиот фудбал секогаш наоѓал повод да се смее. Уште од рана возраст лесно ги мрдал нозете и прекрасно танцувал.

Во фудбалот го внел дедо му Педро Виеира кого малиот Марсело го викал Дон. Тогаш Марсело имал 9 години и после првиот тренинг во школа за мал фудбал тој бил пресреќен и го гушкал дедо му. А мудриот старец секогаш верувал во внукот и го храбрел кога тренерите го карале.

По извесно време дедо му со кола го однел на проба во Ботафого (омилениот клуб на Марсело) и кога можел го возел на тренинзи.

Тешко е да се каже дали Марсело би станал светска ѕвезда ако на 13 години не преминел од мал фудбал во голем, но благодарение токму на малиот фудбал тој научил да носи играчки решенија максимално брзо во краток рок.

Кога потпораснал и кога заиграл со младинците го прашале: „Кино или театар?“, а од бекот кого во неформален разговор никогаш не го виделе без слушалки што му ги купил дедо му, изненадно слушнале: „Првото. Сè е импровизација, глумецот треба да се снаоѓа во разни ситуации под притисок на гледачите. Исто е и со фудбалот. Играчите ќе мора да се снаоѓаат во разни тактики. Фудбалот и театарот се многу слични“.

Талентираниот левучар наскоро се појавил во школата на славниот Флуминенсе но се јавил проблем - семејството не можело секој ден да му дава пари за превоз до базата па дедо му Педро одвојувал од себе за внукот.

Еднаш додека чекале автобус имале само ситни железни пари, па Марсело му ги побарал на дедо му да игра на автоматот каде треба да одбереш едно државно знаме на некоја земја и да видиш што има зад него.

Марсело ја одбрал Хрватска и ден-денес се сеќавал како апаратот почнал да истура 25 реали - доволно пари за плескавица за него и за Дон Педро и за пат назад до дома со автобус.

За оваа епизода Марсело еднаш му раскажал на соиграчот од Реал Лука Модриќ. Бразилскиот бек засекогаш ќе му биде благодарен на дедо му за помошта и првата плата во составот на Флуминенсе (100 реали) му ги дал на Дон Педро Виеира.

Во летото 2014-та кога Бразил го дрмаше треската на Светското првенство, дедо му на Марсело починал а во тоа време „Селесао“ беше декласиран со 1:7 од Германија.

Наследник на Роберто Карлос

Како мал Марсело цел ден ја бркал топката по плажите на Рио со другарите. Еднаш кога се собрале сите да играат фудбал, некое дете предложило: „Ајде да избереме, кој сме од ѕвездите. Јас сум Пеле!“ - Јас сум Гаринча!, викнало друго а некој довикал: „Јас ќе бидам Ривалдо!“

Додека сите кажувале име на некој од напаѓачите, само еден викнал: „Јас сум Роберто Карлос“! Тогаш легендарниот лев бек само што преминал од Интер во Реал Мадрид (на 23 години за 500.000 долари) и се ишишал на нула. Така сакал да се шиша и малиот Марсело.

Му требале само 30 меча во две сезони во првиот состав на Флуминенсе за да ги воодушеви скаутите од Шпанија. Најпрво бразилсиот клуб договорил трансфер во Севиља и фалел само потпис на играчот но тогаш се појавила варијанта со Реал. „Кралевите“ платиле 7 милиони евра за 18-годишниот бек.

Марсело во Реал требаше да му биде замена на идолот Роберто Карлос кого го сметаа за најдобар лев бек во поновата историја, но на 32 години веќе почна да опаѓа во форма.

Во пеколната конкуренција на клубот светскиот шампион Карлос презел одговорност за малиот Бразилец и го преселил кај себе дома. Адаптацијата на Марсело минала многу брзо.

***

Еден неспретен старт на Дејвид Бекам на тренинг и Карлос се повредил. Така се појавила шанса за Марсело, но Фабио Капело не бил спремен да игра со малиот Бразилец од старт па лев бек играше Серхио Рамос а новајлијата од Флуминенсе влезе пред крајот од мечот со Депортиво. Тоа беше на почетокот на март кога го замени Гонзало Игуаин во 88’ минута и тука се случи историски момент: Марсело и Роберто Карлос прв и последен пат играа заедно на фудбалски терен на официјален меч.

Борбата за прв тим во Мадрид

По заминувањето на Роберто Карлос во 2007-ма, Реал Мадрид купи два леви бека - Габриел Хајнце и Ројстон Дренте. Тогашниот тренер на „Кралевите“ Бернд Шустер планирал да му отвори место на левото крило, но Марсело изгубил од конкуренцијата. Подоцна кај Хуанде Рамос Бразилецот играше како класичен лев бек, кај Пелегрини левокрилен напаѓач, а Мурињо го врати во одбраната.

Неколку пати му ги менуваа партнерите (Фабио Канаваро, Серхио Рамос, Пепе) но насмеаниот Марсело играше совршено со кој било. Набрзо станал лидер во соблекувалната - човек задолжен за расположението. Ги тешел Коентрао, Каземиро и Данило кога биле носталгични за дома а на тренинзи е повесел дури и од капитенот Серхио Рамос.

„Сакам да бидам пример како што беше Роберто Карлос кој ми помогна. Од него научив многу и сега со Тео (Тео Ернандез) се однесувам исто така. Тој е одличен играч, секој пат сакам да му помогнам и разговараме надвор и на теренот“, вели заменик капитенот во Реал Марсело.

На почетокот на јуни минатата година, Реал Мадрид го згроми Јувентус со 4-1 во финалето на Лига на шампиони и стана првиот клуб во новата историја на еврокуповите што две сезони по ред го освојува турнирот. Тоа беше и 12-ти престижен трофеј за Реал во ЛШ.

За време на прославата во Мадрид сите играчи облекле дрес со бројот на Марсело. Тој пиел шампањско и прашувал: „Зошто цел град носи мој дрес“? Набрзо со Серхио Рамос се качиле на статуата на божицата Кибел кај фонтаната на плоштадот Сибелес и од таму мавтале знаме.

После неколку месеци Марсело го продолжи договорот со „кралскиот клуб“ до 2020 година и признал: „Со задоволство би играл и за Кастиља (третиот тим на Реал), би ми било чест да им помогнам на младинците. Знам како им е додека се пробијат. Имам желба да останам во Мадрид уште долги години: никогаш не знаеш што носи времето но убаво ми е во Реал. Сакам да дадам се од себе за да му помогнам на клубо во следните пет години и се надевам дека тоа нема да биде крај“.

Еден од најдобрите леви бекови на светот летово ќе игра на Светското во Русија. Во мај тој наполни 30 години и не е исклучено овој Мундијал да биде последен за него.

Во 2007-ма Роберто Карлос ја заврши репрезентативната кариера (тогаш имаше 33 години) а после неколку месеци за Бразил заигра неговиот омилен сонародник. На пријателски меч против Велс (2-0) Марсело дебитираше и од тогаш настапи на две Светски првенства но за разлика од Карлос немаше шанса да ја освои златната „Божица“. Тоа му е неостварена желба.

„Последна мисија во фудбалот ми е да го освојам Светското 2018. Бразил да се врати на прво место. Со селекторот Тите ќе го вратиме Бразил на врвот. Запишете го тоа“, смело најавил внукот на Дон Педро.