Диего Марадона го пропушти стартот на сезоната 1989/1990 поради повреда, а Наполи без него не можеше да победи. Кога Диего се врати, постигна 16 голови од кои по два против Јувентус и Рома и Наполи втор пат во пет години стигна до титулата. Следната пролет на Марадона му пронајдоа кокаин во крвта, тој беше дисквалификуван на 15 месеци и веќе не заигра за италијанскиот клуб. По отпуштањето од Ал Васл во 2012. година каде беше тренер, Марадона се повлече од фудбалот.
Партнер на Марадона во нападот на Наполи му беше Бразилецот Карека, кој дојде на Сан Паоло по освоеното Скудето на Наполитанците во 1987. година. Триото Magicа го сочинуваа Марадона-Џордано-Карека (Maradona-Giordano-Careca). Во шампионската сезона 1990/1991 Карека даде 10 голови. После три години од Наполи замина во Јапонија.
Во октомври годинава, Карека стана помошник на Дунга во бразилската репрезентација.
Бразилскиот играч од средниот ред Алемао дојде од Атлетико Мадрид во 1988. година, но половина од првиот дел од сезоната го пропушти поради повреда. Даде гол во финалето на Купот на УЕФА и стана главен играч од средниот ред на Небесно-сините. Работеше како тренер во неколку помали клубови во Бразил од кои последниот беше Централ во Серија Д.
Тогашниот генерален директор на Наполи а подоцна алфа и омега во Јувентус, Лучано Моџи од Серија Ц1 за 2 милијарди лири го купил Џанфранко Ѕола. „На крајот тие ќе имаат некој кој ќе ме следи", изјави Марадона за трансферот на младиот Џанфранко. Ѕола го замени Марадона додека беше повреден и постигна голови против Аталанта и Џенова, а три години подоцна Парма го купи за високи 13 милијарди лири. Неколку месеци откако Каљари го разреши од тренерската позиција, Ѕола замина да биде тренер во тимот Ал-Араби во Катар.
Командант на одбраната на Наполи беше Чиро Ферара кој е роден во Неапол, а за првата екипа заигра на пролет 1989. година. Во сезоната 1989/1990 бил најстандарден во составот и одиграл вкупно 2925 минути. Родниот клуб Чиро го напушти после четири години кога Лучано Моџи го донесе во Јувентус за 9,4 милијарди лири. Пред три години Чиро Ферара беше отпуштен од Сампдорија и се префрли да работи како коментатор.
Напаѓачот Андреа Карневале на 10 мај 1987. година му ја донесе на Наполи првата титула во историјата со голот против Фиорентина. Во сезоната 1989/1990 даде 8 голови, а подоцна клубот го продаде во Рома за 6,7 милијарди лири. Во Рим Карневале падна на допинг тест. Денес работи како скаут за Удинезе.
Стоперот од Лече, Марко Барони го засили Наполи за 2 милијарди лири и одигра 33 средби во шампионската сезона. Што е најважно го постигна победничкиот гол на Наполи против Лацио во последното коло кога Марадона му асистираше а Валерио Фиори беше немоќен. Следната сезона промаши пенал во Купот на Европските шампиони во осминафиналето против Спартак Москва. Шест месеци играше во Болоња.
Пред неколку години беше тренер на младинскиот тим на Јувентус, а сега работи во Новара.
Голманот Џулиано Џулиани не прими гол на 13 средби од шампионската сезона, а по завршувањето на сезоната замина во Удинезе. За жал, во 1996. година Џулиани почина од СИДА.
Партнер на Алемао во средниот ред му беше Фернандо Де Наполи, кој за 5,8 милијарди лири го засили Наполи и тоа како репрезентативец од СП 1986. година. По две години и Скудето со Наполи премина во Милан каде освои 2 Скудета и КЕШ. Од 1997. до 2005. година работеше како спортски директор во Реџана каде што ја заврши играчката кариера.
Во средината со Де Наполи играше уште и Масимо Крипа, кој дојде пред шампионската сезона од Торино за 7,6 милиарди лири. Во сезоната 1989/1990 Крипа даде 4 голови, а подоцна 3 години играше во Парма. Во 2010. година стана спортски директор на Рената во третата лига.
Левиот бек Џовани Франчини беше дублер на Паоло Малдини во репрезентацијата. Во Наполи дојде од Торино. Во последните два месеци од шампионската година постигна три гола од кои и третиот против Јувентус по корнерот на Марадона.
Алберто Бигон стана тренер на Наполи по оставката на Отавио Бјанки кој се пензионираше по освојувањето на Купот на УЕФА и Скудетото. Бигон го одведе Наполи до Скудетото без поголемо тренерско искуство, затоа што претходно работел 7 години во швајцарскиот Сион. Во 2008. година работеше во словенечкиот Интерблок.
Генералниот директор Лучано Моџи во Наполи дојде откако освои Скудето како функционер на Торино во 1987. година и со себе ги донесе фудбалерите Карека и Франчини. По Наполи се врати во Торино каде се најде под истрага поради сомнителни работи со судиите.
Фудбалската федерација на Италија го суспендираше доживотно од фудбалот пред неколку сезони по скандалот Калчополи кој ја потресе земјата.