На 31 декември Сините го пречекуваат Стоук и со победа би се израмниле со Арсенал кој го држи рекордот од 13 победи по ред во Премиер лигата остварени пред 15 години.
Челси со серијата почна на 1 октомври и до 26 декември ги намачка Хал, Лестер, Манчестер Јунајтед, Саутемптон, Евертон, Мидлсброу, Тотенхем, Манчестер Сити, ВБА, Сандерленд, Кристал Палас и Бурнемут. За издвојување во оваа серија е тоа што дури 10 победи им се без примен гол. Куртоа е совладан само по еднаш од Тотенхем и Манчестер Сити.
Во оваа победничка серија, Конте постојано форсира формација 3-4-3 со едните исти 11 кои му носат резултат и во серијата 12 од 12 употребил само 13 играчи како стартери. Дури 7 пати стартувал со овој состав:
Голман: Куртоа
Одбрана: Аспликуета – Луиз – Кејхил
Среден ред: Мозес – Канте – Матиќ - Маркос Алонсо
Напад: Азард -Коста –Педро
Другите двајца играчи кои учествувале во првиот тим откако им е почната победничката серија се Фабрегас кој влезе во комбинација еднаш место Канте и два пати место Матиќ, а другиот е Вилијан кој се приклучи во напаѓачкото трио два пати место Педро и по еднаш место Азард и Коста.
Сите останати играчи меѓу кои Ивановиќ, Тери и сега веќе поранешниот нивни фудбалер Оскар шансата ја чекаа/т од клупа.
За совршената тактика на Антонио Конте има одлично објаснување во видеово каде е објаснета улогата на секој играч. Има и доста занимливи податоци, како на пример:
Челси немаше постигнато гол со глава се до пред две кола кога Коста го реши дуелот против Кристал палас, а внимавајте на ова. Тимот има само 41 удар во рамки на гол по првите 16 меча.
(Видеото е правено пред дуелите против Кристал Палас и Бурнемут)