Како е можно од 15 продадени играчи, Вардар да наплати само за двајца?

ФК Вардар е влезен во доста турбулентен период. Го бојкотира првенството поради револт кон ФФМ, елиминиран е од купот уште во четвртфинале, ќе ја загуби и титулата бидејќи Шкендија е на +16 бода и згора на се води чудна и несфатлива политика на трансфер пазарот.

Навивачите на Вардар имаат многу причини за загриженост оваа сезона која како тргнала, многу тешко повторно да продолжи во долго европско лето кое лани кулминираше со историски пласман во групната фаза од Лига Европа.
 
Сонот за пласман во Лига на шампиони и оваа сезона нема да може да им се оствари, бидејќи Вардарци ќе останат без титулата во домашното првенство, а тоа автоматски значи и без играње во квалификацискиот циклус за ЛШ.
 
Повторувањето на минатогодишниот успех, а тоа е учество во Лига Европа би било нешто фантастично, но од сегашна гледна точка речиси неостварливо, бидејќи Вардар малку по малку го растури речиси целиот костур на тимот.

Последниот од играчите кои си заминуваат е Бразилецот Хаун Фелипе, носителот во играта на Вардар и еден од најдобрите играчи во понавата историја на клубот. Го испратија во својот препознатлив стил, тивко и без никаква информација на својот веб сајт.
 
Имаше договор до 2020-та година, но си заминува без обештетување наводно незадоволен од третманот во клубот и се разбира на огромно разочарување на навивачите.

Но да е само тој. Вардар во зимскиот преоден рок остана без голем дел играчи, како репрезентативците Бобан Николов и Висар Муслиу, а по завршувањето на оваа сезона си заминуваат и Хамбарџумјан и Дарко Велковски, еден од дефанзивците кој се очекува да биде иднината на Македонија.
 
Вардар во една година од лето 2017-та до лето 2018-та ќе се поздрави со 15 фудбалери, но нејасно е како може да си дозволи да инкасира пари само од двајца. Тоа се Џонатан Балотели кој замина во Катар за 600.000 евра и Бобан Николов во Видеотон за 100.000 евра.
 
Целата листа на играчи кои си заминаа и ќе си заминат и нивната вредност клик тука.
21 март 2018 - 12:26