Како Алекс Фергусон и Абердин завладеаа со Европа

Абердин е во одлична форма и е на само бод од лидерот Селтик во шкотската лига. Сезонава потсеќа на онаа од 1983/84-та кога Абердин освоил три големи трофеи под водство на Алекс Фергусон.

Навивачите на Абердин таа вечер на 11-ти мај 1983-та година мислеле дека не може да им се случи ништо поубаво во животот. За илјадници од нив кои патувале до Гетеборг на рибарски бродови и чамци и за оние кои спиеле на улици, гостувањето во Скандинавија било неверојатно доживување.
 
А како и да не им биде кога го освоија Европскиот Куп на Купови, откако во четвртфиналето го совладале големиот Баерн Минхен, а моќниот Реал Мадрид паднал на колена таа незаборавна шведска вечер.
 
 
За среќа по Абердин, тогаш клубот имал млад менаџер којшто никогаш не бил заситен од освоеното. Алекс Фергусон до тој момент веќе имал неколку подвизи со тимот:  Во 1979/80 освоил титула во Шкотска, во 1982 и 1983 освоен Купот на Шкотска и незаборавниот Куп на европски победници во 1983-та.
 
Фергусон изградил млада екипа по своја замисла и како што напишал познатиот новинар Хју Тејлор од Тајмс, „екипа на која што целата земја ѝ завидувала". На голот бил одличниот Џим Лејтон, а во одбраната Алекс МекЛиш кој му помогнал на Абердин да прими само 21 гол на 36 средби таа сезона. Меѓудругото Абердин на дури 21 натпревар не примил гол.
 

Адут на Фергусон во средината му биле Нил Купер и Гордон Страхан (подоцна селектор на Шкотска). Откако ја освоил шкотската Премиер лига во 79/80, Абердин бил близу да го повтори успехот, но следните две години завршувале втори со бод зад шампионот Данди.

Абердин ја почнал успешно и одбраната на трофејот во Европскиот Куп на Куп победници со победа од вкупни 3:2 против исландскиот Акранес.

Во второто коло противник им бил белгискиот Беверен, а тогаш Фергусон отворено зборувал дека на екипата почнала да ѝ недостига професионалност.

„Мора да ги соочам со реалноста пред да биде доцна. Големите клубови како Манчестер Јунајтед, Ливерпул и Селтик не се колебаат многу да им ја кажат вистината на играчите", отворено зборел Алекс Фергусон.

Тоа ја мотивирало екипата која по 0-0 во Белгија, го добила реваншот со убедливи 4:1, а Ферги почнал да остава впечаток на голем тренер. Од тој момент, шкотскиот клуб имал серија од 27 средби без пораз во сите натпреварувања и освоил 30 од можни 32 бода во лигата, освојувајќи дури пет трофеи таа сезона.

Абердин бил многу понадмоќен од Ренџерс и Селтик, а младиот Алекс Фергусон веќе бил на радарот на големите англиски екипи меѓу кои најзагреан бил Тотенхем. Но, управата на Абердин потпишала со него нов 5-годишен договор тежок 250.000 фунти годишно (Руни денес толку зема неделно).

Набрзо, во декември стигнал и трофејот во европскиот Супер Куп после победата од 2:0 против страшниот состав на Хамбург во Питодри. За време на владеењето на Фергусон (8 години), Абердин освоил три титули во првенството (две титули една по друга што било првпат во две години да не освои ниту Селтик, ниту Ренџерс), четири купа во Шкотска, Европскиот Куп на Куп победници, европскиот Супер Куп, Лига Купот и Драјброу купот. Сето тоа во рок од седум години.

На 6. ноември 1986. година Алекс Фергусон е поставен за нов менаџер на Манчестер Јунајтед...