На факултет одиш со Серхио Агуеро или пред предавањата мубаетиш со Јаја Туре и Давид Силва, па се сликаш со Џо Харт после тренингот на Манчестер Сити меѓу предавањата.
Додека кај нас има стадиони на кој е комплицирано да гледаш макар фудбалски натпревар или да отидеш во тоалет, во Англија стадионите ги отворија вратите за студентските кампуси.
Факултетот за бизнис во фудбалот (Тhe University College of Football Buisness UCFB) од Барнли објави дека гради предавални на Етихад Стадионот, домот на Граѓаните од Манчестер, град во кој има четири универзитетски згради. Попрецизно, структурата ќе биде во околината на фудбалската Академија на Сити, на чекор од центарот кој вреди 280 милиони евра и кој беше отворен минатиот декември.
Во центарот секојдневно тренираат фудбалерите на Манчестер Сити. Универзитетскиот кампус ќе чини околу пет милиони фунти (6,9 милиони евра) и треба да се отвори следната есен. Ќе отвори 350 работни места.
Предвидени се предавања и курсеви од областа на медиумите, маркетингот, финансии во фудбалот итн. Лекции, семинари, фудбал низ скрипти, графики, броеви. За студентите, околу 3.000, шанса да живеат, учат и работат на еден од најмодерните стадиони во светот на фудбалот. Меѓу оние кои ќе држат предавања на УЦФБ е и поранешниот капитен на Ливерпул кој ја освои Лигата на шампионите во 2005. година, Џејми Карагер кој во моментов работи како стручен коментатор за Скај Спорт. Ќе предава и Стив Мекманам, како и претседателот на фудбалската Асоцијација на Англија, Грег Дајк.
Стадионот на Манчестер Сити ќе се користи не само за маркетинг, кина и продавници, туку и за факултетски предавања. На времето, Роман Абрамович газдата на Челси сакаше на Стемфорд Бриџ да направи модерна дискотека, експеримент од кој веројатно ќе се откаже по новиот хит во Британија, факултети на стадионите.
УЦФБ веќе се договорил со Реал Мадрид: Првите 25 дипломирани студенти ќе може да се дошколуваат на Реал Мадрид Школата - Универзитет Европа.