Фудбалска репрезентација на Италија

Каде се и што прават светските шампиони од 2006-та

Некои и после 10 години уште играат активно, некои запливаа во тренерски води, некого поврзуваа со мафијата, а некој замина на далечниот исток. Кои беа играчите кои го обоија небото со аѕурна боја таа 2006-та?

Во мај 2006. година, непосредно пред Светското првенство, италијанскиот фудбал го потресе сериозен корупциски скандал. Калчополи удри по едни од најсилните екипи од земјата - Јувентус, Милан, Лацио и Фиорентина.

На сите им се закануваше испаѓање во Серија Б поради вмешаност во корупција и местење натпревари и судии, а репрезентативците заминаа во Германија во состојба на крајна несигурност.

Во пресрет на Мундијалот селекторот Марчело Липи ја извести федерацијата дека после СП 2006 ќе се повлече од местото на клупата. Но и оваа вест играчите некако ја прегрмеа.

Во групната фаза, Италија самоуверено ја победи Гана со 2:0, во вториот меч, оној крвавиот против Америка одиграа 1:1 а во решавачката за пласман ја победија Чешка со 2:0.

Следуваше осминафиналето а таму Италијанците се сретнаа со незгодните и воинствени Австралијци предовдени од Гус Хидинк. Главни херои на мечот станаа голманите а се одлучи голот на Тоти од пенал во последните секунди од судиското продолжение.

Со Украина Аѕурите се справија лесно: Ѕамброта го даде првиот гол во кариерата за репрезентација, Лука Тони даде два и Италија се пласираше во полуфиналето против домаќинот Германија. Во Дортмунд, двете селекции не можеа да дадат гол за 90 минути, но во продолжението „Панцерите“ ги отвори Гросо а потоа и Алекс Дел Пиеро. Италија во финале!

Големото финале ќе остане запаметено по пеналот на Зидан и неговата глава со Матераци кога доби црвен картон. Како се одвиваше пенал рулетот на крајот паметите.

ЏАНЛУИЏИ БУФОН

Тогаш имаше 28 години, на Мундијалот бранеше на 7 меча и прими само два гола. Денес Џиџи има 38 години и брани како во младоста за Јувентус и за Италија. Пред некој месец го гледавме и во Скопје.

АНЏЕЛО ПЕРУЦИ

Легендарниот голман на Лацио тогаш веќе беше ветеран со 36 години. Не бранеше на ниту еден меч на Мундијалот. Денес со 46 години е менаџер во римскиот клуб.

МАРКО АМЕЛИЈА

На Светското 2006-та беше трет голман на Италија со 24 години. 10 години подоцна, денес е претседател на Лупа Кастели Романи, клуб од италијанската трета лига.

КРИСТИАН ЅАКАРДО

Десниот бек одигра 3 меча на Светското со 24 години. Денес игра за Виченца во италијанската Серија Б.

ФАБИО ГРОСО

Со сигурност јунак на Италија на ова Светско, особено по евроголот против Германија во полуфиналето. Имаше 28 години тогаш и одигра 6 меча, а денес со 38 е тренер на Јувентус У19.

ФАБИО КАНАВАРО

Еден од најдобрите стопери во историјата на светскиот фудбал. Искусен, на 32 години командуваше со одбраната на Италија и ги одигра сите натпревари. Денес на 42 години го тренира Тјанцин во втората кинеска лига.

АНДРЕА БАРЅАЉИ

„Карпата“ во Германија стигна како 25-годишен и се појави на два меча. Немаше место во конкуренција на Неста и Канаваро. Денес на 35 години е столб во одбраната на Јувентус и италијанската репрезентација.

АЛЕСАНДРО НЕСТА

Ако за Канаваро може да кажеме дека важеше за еден од најдобрите стопери, за Неста може да кажеме дека беше најдобар. Настапи на 3 меча а денес е главен тренер на Мајами во втората лига на САД.

ЏАНЛУКА ЅАМБРОТА

Лука беше главен бек во синиот дрес. Одигра 6 натпревари и даде 1 гол. Денес со 29 години е прв тренер на Делхи Динамос во Индија и е почесен претседател на Комо во третата италијанска лига.

МАСИМО ОДО

Одо во моментов важи за перспективен тренер во Серија А. Ја тренира Пескара на 40 години, а од Светското ќе го паметиме единствениот меч што го одигра како десен бек кој имаше 30 години.

МАРКО МАТЕРАЦИ

Контроверзниот Матераци е синоним за Светското 2006-та. Кој и да го спомне овој Мундијал, прва асоцијација е Матераци и големиот инцидент со Зинедин Зидан. Тогаш имаше 32 години, а денес како 43-годишен го тренера индискиот Ченај.

ДАНИЕЛЕ ДЕ РОСИ

Еден од најмладите во составот на Липи. Имаше само 22 години и од голема желба направи тежок фаул против САД и доби црвен картон поради кој пропушти неколку меча. До крајот успеа да се појави на уште два натпревари и да му се израдува на златниот пехар. Во моментов на 33 години игра за Рома и Италија.

ЏЕНАРО ГАТУЗО

Рино ораше на теренот на 6 меча во Германија. Не застануваше со 28 години. Во моментов е прв тренер на Пиза во Серија Б.

ФРАНЧЕСКО ТОТИ

Ил Капитано во Германија тоа лето беше 29-годишен, ги одигра сите 7 натпревари на Светското и даде 1 ама вреден гол. Со 40 години уште гордо и одлично игра за Рома.

МАУРО ГЕРМАН КАМОРАНЕЗИ

Аргентинецот со италијанско потекло се реши да игра за Италија и играше одлично на пет меча во Германија. Со 40 години до март годинава беше прв тренер на аргентинскиот клуб Тигре.

СИМОНЕ БАРОНЕ

Помалку познатиот Бароне тогаш на 28 години истрча на два натпревари од Мундијалот. Со 38 години сега му е помошник на Џанлука Ѕамброта во Делхи Динамос во Индија.

СИМОНЕ ПЕРОТА

Ако за неговиот именик може да се каже дека немаше којзнае каква ролја, Перота од друга страна ги одигра сите 7 меча на високо ниво. Моментално има 39 години и е детски тренер во Рим.

АНДРЕА ПИРЛО

За него што и да кажеме само би се повторувале. Тогаш имаше 27 години, настапи на 7 дуели и постигна еден гол. Во моментов е член на Њујорк Сити во американската МЛС лига.

АЛЕСАНДРО ДЕЛ ПЈЕРО

Алекс го предводеше шпицот на Италија на 5 меча и го даде можеби најважниот гол во полуфиналето кога Германците напаѓаа за израмнување. Со 42 години сега е стручен коментатор на италијанскиот Sky Sports.

ЛУКА ТОНИ

Високиот Тони кој во кариерата смени повеќе од 12 клуба, тогаш во Германија имаше 29 години постигна 2 гола на 6 меча. Неодамна се запишал на курс за лиценца спортски директор во Коверчано.

АЛБЕРТО ЏИЛАРДИНО

Џила со Де Роси беше меѓу најмладите иако имаше 24 години. Даде 1 гол на 5 меча. Денес со 34 игра за Емполи.

ВИНЧЕНЦО ЈАКВИНТА

Поранешниот напаѓач на Удинезе и Јувентус одигра 5 меча на Светското и даде 1 гол. Неодамна стигна вест дека бил поврзан со мафијата во Италија и дека незаконски поседувал оружје. Има 36 години.

ФИЛИПО ИНЅАГИ

Пипо во Германија на Светското имаше учинок од 1 меч и 1 гол на 32 години. Сега е прв тренер на Венеција во третата италијанска лига.

МАРЧЕЛО ЛИПИ

Големиот Липи во моментов со 68 години е селектор на репрезентацијата на Кина. Во Италија важи за симбол на една славна генерација која што го донесе златниот пехар.