Каде ќе оди Шармантниот?

Како ретко кој, достоинствено се носеше со сознанието дека е поранешен и дека на негово место ќе дојде Пеп Гвардиола. Чилеанецот по сè изгледа ќе оди на Стемфорд Бриџ или на Висенте Калдерон.

Ако Мурињо е Специјалниот, а Јирген Клоп Нормалниот, ретко кој знаеше за Шармантниот, затоа што тој е едноставно таков. Не се експонира, не галами, не крева бука. Шармантен. Последниот ден од преодниот рок во Европа се објави дека и официјално од 1. јули Пеп Гвардиола ќе стане нов менаџер на Манчестер Сити. Досега се шпекулираше, сега е официјално. Но зошто баш сега?
 
Мануел Пелегрини подолго време знаел за Гвардиола и не сакал веќе да се крие оваа тајна. Првенствено да го тргне притисокот и од себе и од екипата, под претпоставка дека на сите во клубот ќе им биде полесно ако знаат што ги чека. Втора причина е да „им свирне“ на големите европски клубови дека следното лето ќе биде слободен после три сезони во Манчестер.
 
Од друга страна, не е нереално Мануел Пелегрини да се прости во голем стил од Етихад, со втора титула шампион на Англија во три сезони, а „граѓаните“ се активни уште и на три фронта. Во ЛШ играат против Динамо Киев во 1/8 финалето, во ФА купот ги чека Челси, а се пласираа и во финалето на Лига Купот. Практично Пелегрини би можел да освои уште четири трофеи пред да се поздрави.

Шармантниот, како што го викаат овој тренер успеал да ја одржи атмосферата во екипата која многу тешко останала имуна на информациите од Минхен дека Пеп Гвардиола ќе заработува астрономски 15 милиони фунти по сезона во Сити или 19,8 милиони евра. Рекордни.
 
Мануел Пелегрини пред 14 години ја презеде Ривер Плата. Ги водеше уште и Виљареал, Реал Мадрид, Малага и Манчестер Сити каде е денес. Немал проблем да најде клуб.
 
Во големото интервју за Марка откри дека со месеци однапред знаел дека Гвардиола ќе дојде на Етихад, но тоа не му сметало да се посвети на предизвиците. Марка објави дека 62-годишниот тренер ќе стане нов тренер на Челси следната сезона кога ќе замине привремениот Гус Хидинк.
 
За Пелегрини се интересираат и од Мадрид, Атлетико сака тој да го наследи Диего Симеоне во случај Чоло да се презасити после 5 години на исто место. Инаку Пелегрини работи за 5,3 милиони евра годишно што е четири пати помалку од она што ќе го зема Гвардиола.
 
Пелегрини на Пеп ќе му остави состав спремен за големи дела, екипа за која се потрошени околу 418 милиони евра.
 
Прекарот на Чилеанецот доаѓа од култната песна Овој шармантен човек од групата Д Смитс: