Во Јувентус е лето на збогувања со творците на успехот во последните неколку сезони. Денес завршува и врската меѓу Карлос Тевез и Старата Дама. 31-годишниот Аргентинец со Бока Јуниорс треба само да ги дефинира условите за потпис на договорот.
Апаче, како што го викаа навивачите ќе остави тешко наследство за неговиот наследник на бројот 10. За Јуве постигна 50 голови на 96 натпревари во првенството и куповите за две сезони.
Тевез одлучи да се врати во татковината и да го напушти Јувентус на една година пред истекот на договорот. Првите знаци за ваквата разврска се јавија на 18. април кога Тевез најави враќање на Бомбонера. На тој датум постигна гол против Лацио и го прослави со имитација на кокошка, каков што е погрдниот прекар за следбениците на Ривер Плејт. Карлитос така славеше против Ривер и во 2004. година.
Со денови се најавува и втората разделба. Андреа Пирло втора година по ред го селат во САД, но сега е извесно дека Пирло ќе потпише 2-годишен договор со Њујорк Сити ФК кој му гарантира 8 милиони годишно или двојно повеќе од тоа што го зема во Јуве, пишува Република.
Њујорк Тајмс веќе сигурно најави дека фудбалерот роден во Бреша се договорил со газдите на клубот и дека за 2 недели ќе му се придружи во клубот каде ќе игра и Френк Лампард.
По 5 титули по ред (четири со Јуве и една со Милан), 36-годишниот Пирло реши да го гледа заоѓањето на кариерата од булеварите во Њујорк. Дали Јувентус ќе може без двајцата архитекти на успехот? Зошто не би можел, особено ако се знае што направија Бјанконерите по заминувањето на Антонио Конте. Победуваа.