Јунајтед имал 75 играчи во тимот на сезоната, Челси 29

Иако дури шестмина фудбалери на Челси вчера беа избрани во најдобрите 11 на Премиер лигата, тимот од Лондон сè уште е далеку од вкупниот број на фудбалери на Јунајтед кои биле во тимот на годината во англиското првенство.

Пред крајот на секоја сезона во Англија, Професионалното здружение на фудбалери од Премиер лигата гласа за најдобрите 11. Во вчерашниот избор, Еден Азар од Челси беше прогласен за најдобар фудбалер сезонава, а Хари Кејн од Тотенхем за најдобар млад фудбалер.

Азар влезе и во најдобрите 11 фудбалери, меѓу кои се уште и неговите соиграчи Диего Коста, Џон Тери, Гери Кејхил, Немања Матиќ и Бранислав Ивановиќ. Челси на тој начин стигна до вкупно 29 фудбалери во клупската историја кои биле дел од најдобриот состав во една сезона.

На врвот на табелата по бројот на најдобри фудбалери и натаму е Манчестер Јунајтед, кој дал 75 играчи во тимот на годината. Арсенал е втор со 42 фудбалери, а Манчестер Сити од 1992 година до сега има само 11 фудбалери во тимот на годината во ПЛ. Стивен Џерард 8 пати бил биран во тимот на колото и со тоа е најуспешен во Премиер лигата.

ТИМОТ НА ГОДИНАТА ВО ПРЕМИЕР ЛИГАТА ЗА 2014/2015:

Давид де Хеа, Рајан Бертран, Џон Тери, Гери Кејхил, Бранислав Ивановиќ, Еден Азар, Филипе Кутињо, Немања Матиќ, Алексис Санчез, Хари Кејн и Диего Коста.

Шпанецот Де Хеа им се придружи на Пол Сколс, Руд ван Нистелрој и Денис Ирвин кои имаат по два избора во тимот на годината. Гери Невил и Рајан Гигс се избрани по 6 пати во најдобрите 11. Зад водечката четворка (Ман. Јун, Арсенал, Челси и Ливерпул) се наоѓа Блекбурн Роверс со 13 фудбалери во најдобриот тим на сезоната.