Андерсон Луис де Абреу Оливеира или познат само како Андерсон го подигна дресот на Манчестер Јунајтед во 2007 година, откако претходно со Порто стана два пати шампион на Португалија, а ги освои и купот и Супер купот.
Сер Алекс Фергусон го доби како млад и перспективен играч кој клубот го чинеше 30 милиони евра, а големата конкуренција во среден ред беше пречка за да не биде редовен првотимец. Кога во ланскиот преоден рок Хуан Мата потпиша за Јунајтед, Андерсон го загуби дресот со број 8, а потоа следното лето поради повреда ги пропушти и подготовките со клубот.
На последните два меча за Јунајтед воопшто нема потреба да се потсетува. Едниот беше срамниот пораз од МК Донс од 4:0 во Лига купот на кој одигра 90 минути, а последниот му беше против Барнли 0:0.
Со пехари не мина воопшто лошо. Под водство на Фергусон шампионската титула во Премиер лигата ја славеше четири пати, Лига купот и Комјунити Шилд по два пати, а потоа ги освои Лигата на шампионите и Светското клупско првенство.
По ова бесценето седум и пол годишно искуство во Премиер лигата, наместо на 26 години да гази се уште во некој европски клуб, тој на 3 февруари годинава се врати во Бразил и како слободен играч потпиша 4 годишен договор за Интернационал.
Домашната публика од тоа што го видоа првите 15 дена од него, ќе помислат дека во Англија бил на шопинг или се пијанчел. На дебито против Крузеиро промаши пенал, а на меч од Копа Либертадорес не издржа ниту едно полувреме и излезе во 36 минута.
Мечот се одигра во Ла Паз, Боливија на 3.500 метри надморска височина каде до некаде се и разбирливи проблемите со дишење, но сепак тоа не е Монт Еверест, а Андерсон не е Адријано. Го сместуваме во негово друштво, во рубриката Офсајд лик.