Адријано Леита Риберо може да стане нов напаѓач на Терачина. Ова не е шега, туку сериозна понуда од клубот кој го кани „Императорот“ да заигра во Серија Д.
Тоа е по ранг четврта лига во Италија која се смета за аматерска, а во неа учествуваат 162 екипи поделени во 9 групи по 18 клубови кои играат во региони.
Најблескавите моменти за бразилскиот напаѓач се случија за време на пет годишниот престој во Интер каде во периодот од 2004 до 2009 година освои вкупно 8 трофеи. Но само тој период му е за фалење, а тоа е некаде до неговата 27 година.
Откако стана ѕвезда во Серија А, почна да ги затвора дискотеките и да го губи првотимскиот статус кај Роберто Манчини. Скоро сите останати обиди во последните пет години за да се врати во старата форма му беа неуспешни.
Беше на позајмица во Сао Паоло, а потоа го носеше дресот на Фламенго каде го освои бразилското првенство. Со 19 постигнати голови му тргна во клубот каде ја започна кариерата, а постигна и два пати хет –трик, но таа пуста желба го врати во Италија.
На 8 јуни 2010 година Рома го претстави Адријано како ново засилување, а договорот му беше на три години со висока плата од 5 милиони евра по сезона. Го доби дресот со број 8 и на 8 март по само седум месеци го напушти Рим без ниту еден постигнат гол.
Вториот кам бек во родната земја му беше катастрофален. Потпиша за Коринтијас, но веднаш се повреди и паузираше 6 месеци, а откако се врати во игра не покажа голем интерес за фудбал и ја заврши сезоната со само 4 настапи.
Адријано имаше трето враќање во Фламенго, но во меѓувреме водеше нездрав спортски живот, се здебели и само тренираше без да се појави на ниту еден меч.
По скоро две годишна пауза, во јануари оваа година повторно му се врати на фудбалот овој пат во Атлетико Параненсе. Тимот беше елиминиран од Копа Либертадорес, а по два дена Адријано не се појави на два тренинга без никакво образложение. Тоа значеше раскинувањето на неговиот договор по само три месеци.
Ако го фаќа носталгија за земјата на фудбалот, 32 годишниот напаѓач кој пред 10 години направи трансфер од Парма во Интер за сума од 23 милиони евра, може да се врати во аматерското фудбалско друштво Терачина каде го чекаат со задоволство.