„Јас дете од Маџир Маало, преку Скопје и Белград стигнав да играм против Пеле во Рио“

„Да кажеш дека си играл на Маракана, тоа е исто како Монт Еверест, нема повеќе, тоа е“, ќе каже покоен Кирил Дојчиновски. „Не очекував дека ќе бидам стартер, но одеднаш ми го прочитаа името. Се наежив“, рече Методија Спасовски.

Само двајца македонски фудбалери може да се пофалат дека играле против Бразил и Пеле на Маракана, а тоа се Кирил Дојчиновски и Методија Спасовски. И двајцата легенди на Вардар. 

Првиот повикан за репрезентацијата на Југославија како тогашен стопер на Црвена Ѕвезда, а вториот како крило на Вардар.

Неверојатно и незаборавно доживување на кое треба ќе бидат горди и нивните деца, внуци, правнуци...Па уште и Мето даде гол.

Кирил Дојчиновски и Пеле

Тој меч меѓу Бразил и Југославија датира од 17 декември 1968-ма година и е од пријателски карактер. Одигран е на Маракана во Рио де Жанеиро. Некои податоци велат дека се играл пред 100.000, а други пишуваат за 150.000 гледачи.

Заврши 3:3, а Мето Спасовски ќе остане запишан во аналите како единствен Македонец кој постигнал гол против Бразил.

И тоа го даде на својот деби репрезентативен меч уште во 7 минута. Меѓу стрелците беа и Пеле и Драган Џаиќ.

Никогаш не ми помислил дека еден ден ќа заигра на легендарната Маракана, а кога селекторот Рајко Митиќ го повикал, си рекол дека барем ќе има можност да го види Бразил како земја. Ниту на крај памет дека ќе биде стартер.

„Уште како деца слушавме за Бразил, за големите имиња и сме навивале за Бразил, но не сум помислувал дека некогаш ќе одиграм меч на Маракана. Кога ми соопштија дека сум повикан во репрезентацијата за турнејата во Јужна Америка, бев изненаден, но многу среќен, одушевен. Си велам, ќе го видам Бразил, а ако имам можност и ќе заиграм против големите фудбалски имиња“.

„Во Рио де Жанеиро бевме сместени во многу убав хотел на познатата плажа Копакабана. Веќе следниот ден, одиме кон стадионот, љубопитни бевме да ја видиме Маракана, за која дотогаш само слушавме. Само што влеговме да го видиме теренот, видовме еден огромен стадион, нешто дотогаш незамисливо. Беше возбудливо, а доживување беше само кога го видов стадионот. Потоа влегуваме во соблекувалните и чекаме да биде соопштен составот.

Селектор беше Рајко Митиќ. Не очекував дека ќе бидам стартер, но одеднаш ми го прочита името. Се наежив. Не помислував дека ќе бидам во првата постава. Играв на десното крило. Со почетокот на мечот се ослободив од тремата, а таа исчезна кога го постигнав голот. По една акција од лево голманот на Бразил ја одби топката, а јас од 7-8 метри лесно реализирав“.

А Пеле?

„Погледнував кон Пеле, да видам како изведува одредени елементи. Генерално, одеднаш доаѓаш да играш против такви имиња, ги гледаш како играат, што прават. Бев задоволен како одиграв. По мечот разменив дрес со еден бразилски репрезентативец, но одамна го подарив“ рече Спасовски кој сега има 76 години.

Дојчиновски како дефанзивец внимавал многу во одбрана да не наседне на некоја бразилска финта.

„Сите го подзагледувавме Пеле, сепак не се игра секој ден против најдобриот светски играч, а сега ми паѓа на ум дека многу внимавав, бев претпазлив, тој или некој од неговите соиграчи да не ме издрибла, да не ми продаде некоја финта. Пеле ми остави убав впечаток, беше коректен во секој поглед, таков беше и на другите натпревари на кои јас со Црвена звезда играв против него“, раскажа Дојчиновски, кој инаку почина на 10 август годинава на 78 годишна возраст.

Кирил Дојчиновски, Петар Шулинчевски и Методија Спасовски

Атмосферата била посебна

„Прекрасен и единствен амбиент. На трибините најинтересна беше музиката што цело време се слушаше и играњето на навивачите во нејзиниот ритам. Но, и пред мечот интересно беше да се гледа низ градот како групи со оркестри се движат кон стадионот и ги повикуваат и другите да дојдат на натпреварот“, вели Спасовски.

„Веројатно имаше околу 100.000 гледачи, цело време сите беа на нозе, како да немаше седишта на стадионот, пеат, навиваат. Неверојатно и неспоредливо“, рече Дојчиновски.

Методија Спасовски, Петар Шулинчевски и Кирил Дојчиновски

Интересно на таа јужноамериканска турнеја, Југославија како европски вицешампион од таа 68-ма, само два дена подоцна одиграл уште една пријателска против тогашниот двократен светски првак Бразил.

И на овој меч кој го добиле Бразилците со 3:2, двете македонски легенди биле стартери, но Пеле го немало во тимот.

Според Википедија, Кирил Дојчиновски има 6 настапи за Југославија, а Методија Спасовски 3 настапи и 3 гола.

Сите 6 гола од првата средба.

Голот на Спасовски против Бразил

30 декември 2022 - 12:39