Селекторот на Македонија синоќа гостуваше во тв емисија на која зборуваше на повеќе теми меѓу кои за поканата до Дејан Кулушевски да го облече репрезентативниот дрес.
За Адис Јаховиќ одговори дека тој своеволно одлучил да ја напушти репрезентацијата на што напаѓачот на Анталиаспор реагираше гневно на Инстаграм.
„Не знам дали да се смеам или да плачам од вакви изјави, затоа што некои немаат муда да кажат што е вистината од страв да не загубат работа или образ. Зошто не кажеш зошто не ме повика по промашениот пенал со Израел, па по една година пак ме повикуваш?
Зошто после повик не ме стави во игра, ако сум ти кажал дека не сакам да играм повеќе за репрезентацијата? Заборавив дека имаш свои играчи или ти било наредено тоа во тоа време. Зошто не добив премија од 750 евра за натпреварите со Италија и Лихтенштајн, каде се тие пари, во кој џеб заминаа?
Зошто не ми се јави никогаш додека бев дел од репрезентацијата, а кај некои играчи одеше во државите кадешто играат? Така што, те молам немој да изјавуваш нешто за да се оправдаш. Погледни ја мојата статистика во последните четири-пет години, нема што да се каже...
Адис се откажал од репрезентација? Па и Пандев се откажа од репрезентацијата, па отиде да го молиш да се врати назад, зошто? Нормално е дека ќе одиш, затоа што тој е најдобар наш фудбалер на сите времиња и дека е потребен на репрезентацијата. И правилно си направил, така треба. Јас не сакам да се споредувам со него затоа што ниту еден од Македонија не смее да се споредува со Гранде Пандев, а дали мене ми се јави некогаш да прашаш дали Адис си променил мислење да се вратиш назад, затоа што ѝ требаш на репрезентацијата?
Нема ниту еден играч во светот кој не сака да игра за својата родена земја. Јас кариерата не ја направив со тоа да сум нечиј играч во репрезентацијата, јас со мојата работа и голови дојдов до овде каде сум и во репрезентација дојдов на 26 години со мојата статистика, работа и голови. И последната моја изјава беше дека ако сум потребен на репрезентацијата и мислат дека можам да помогнам, секогаш сум тука за мојата Македонија. А, да ме повикаат за да се исперат пред други, или некои други работи во позадина, не ме барајте за тоа. Фала многу и среќно“.
Верзијата на Ангеловски:
„Јас како селектор му ја симнав суспензијата и му дадов можност за поправен затоа што имаше инцидент кај претходните селектори, односно учествуваше во тепачка со Даниел Георгиевски и доби суспензија од тогашниот селектор.
Доби можност на натпреварите на кои сметав дека треба да добие и на натпреварот со Италија во Торино не влезе во игра, а потоа имавме меч со Лихтенштајн во Струмица. Пред мечот дојде кај мене и ми рече дека сака да ја напушти репрезентацијата затоа што мисли дека треба да се посвети на клупскиот фудбал и дека сака да го отстапи местото на помладите.
Јас му кажав дека е рано за такво нешто и дека е потребен во репрезентацијата, но ако е тоа негова одлука, мислам дека е погрешна, ама дека ја почитувам. На натпреварот со Лихтенштајн дојде, а во 75. минута откако беа направени замените, своеволно ја напушти клупата и со родителот си замина за Скопје, па објави дека нема да игра за репрезентацијата.
На прес-конференцијата му кажав дека му благодарам за тоа што го направил за Македонија, за сите голови и настапи и однос кон сите фудбалери. Зошто не игра во репрезентацијата, треба да се обратат сите кај него. Јас само дадов појаснување“.
Инаку 33 годишниот Јаховиќ кој кариерата ја почна во Напредок во 2006-та, веќе четири години е дел од турското првенство каде смени четири клубови. Сезонава има 6 гола на 12 средби за Анталијаспор.