Ако како деца сте сонувале некогаш да се сретнат клуб од рангот на Барселона и репрезентација од рангот на Бразил, тогаш сонот ви се остварил на 28 април 1999-та година.
Место било кој друг силен или пријателски настроен клуб, Каталонците решија за 100 годишнината од формирањето, на Камп Ноу да го поканат Бразил. Па не можеа да смислат пофраерски потег.
Селекција која во тоа време играше три мундијалски финалиња по ред. Во 1994-та и 2002-ра стана шампион во финале против Италија и Германија, а во 1998-ма загуби од Франција.
Тоа беше генерација на фудбалери која создаде идоли кај секое дете кое излегуваше во маало со топка под мишка.
За Бразил играше славното и незаборавно трио Роналдо – Ривалдо – Ромарио, а на голот најдобриот стрелец меѓу голманите, легендарниот Роџерио Сени.
И во Барселона не изостануваат ѕвезди и тука беа Гвардиола, Фиго, Клајверт, Луис Енрике...
Со оглед на силината на двата состави, резултат 2:2 беше најреален, а за спектаклот да биде уште поатрактивен за гледање се погрижија Роналдо и Ривалдо кои постигнаа два гола за уживање. Роналдо го легна голманот во свој стил, а Ривалдо распали со тоа левицата.
И уште ова. Ривалдо тогаш беше член на Барселона, но реши да настапи за својата земја. Какви времиња.