Изјава на денот на Весли Снајдер

Поранешниот клупски колега на Пандев, даде брутално искрен и директен коментар за вчерашното полуфинале од ЛШ, за кое вели дека било ужасно здодевно.

Весли Снајдер не е од оние што се воздржуваат во коментирањето и е светлосни години подиректен од нашите експерти, кои секоја фудбалска анализа ја почнуваат со: Па добро, гледавме квалитетен натпревар, помеѓу две израмнети екипи...

Коментарот на поранешниот холандски репрезентативец за мечот меѓу Арсенал и Атлетико Мадрид кој заврши со 1:0, гласи вака:

„Сакав да се јавам во УЕФА по 35 минута, да го откажат натпреварот, да им кажат на играчите да го напуштат теренот и да соопштат дека мечот Баерн Минхен - ПСЖ ќе биде финале во Лига на шампиони. Искрено, овој натпревар е ужасно здодевен“, изјави Снајдер за Ziggo Sport.

Поранешниот играч на Реал Мадрид го анализираше натпреварот со подеднакво директни зборови, тврдејќи дека не ги исполнил ниту минималните очекувања од европско полуфинале. Според него, на натпреварот му недостасувале основните состојки што ја дефинираат елитната конкуренција на ова ниво.

„Гледањето Арсенал - Атлетико Мадрид не се чувствуваше како полуфинале од ЛШ. Му недостасуваше интензитет, креативност и вистински квалитет во последната третина. Во финалето, ми е многу тешко да замислам дека ќе им создаваат проблеми на тим како ПСЖ или Баерн Минхен. Врз основа на она што го видовме вечерва, тоа би била лесна победа за кој било од нив. На ова ниво, се очекува да има драма и врвен фудбал, но ова беше далеку од тоа“, завршува Снајдер.

Тој го искритикува и судењето, со тврдење дека Арсенал имал корист од клучните одлуки.

„Арсенал треба да му биде многу благодарен на судијата. Имаше јасен контакт со Симеоне. Само затоа што не падна не значи дека не беше фаул. Имаше и уште еден пенал врз Гризман кој не беше досуден. За мене, тоа беа јасни прекршоци.“

Емирати е во транс, Арсенал е финалист во ЛШ после 20 години

6 мај 2026 - 08:52