За стартот во новата авантура на УЕФА, Лига на нации која што ќе има квалификациски карактер, Роберто Манчини ги повикал следниве фудбалери:
Голмани: Алесио Крањо (Каљари), Џанлуиџи Донарума (Милан), Матија Перин (Јувентус), Салваторе Сиригу (Торино);
Одбрана: Кристијано Бираги (Фиорентина), Џорџо Кијелини, Даниеле Ругани, Леонардо Бонучи (сите Јувентус), Матија Калдара, Алесио Ромањоли (двајцата од Милан), Доменико Кришито (Џеноа), Емерсон Палмиери, Давиде Ѕапакоста (двајцата од Челси), Мануел Лаѕари (СПАЛ);
Среден ред: Николо Барела (Каљари), Марко Бенаси (Фиорентина), Брајан Кристанте, Лоренцо Пелегрини, Николо Ѕаниоло (сите од Рома), Роберто Гаљардини (Интер), Жоржињо (Челси);
Напад: Марио Балотели (Ница), Андреа Белоти, Симоне Ѕаѕа (двајцата Торино), Доменико Берарди (Сасуоло), Федерико Бернардески (Јувентус), Џакомо Бонавентура (Милан), Федерико Кјеза (Фиорентина), Чиро Имобиле (Лацио), Лоренцо Инсиње (Наполи).
Овој список остави три прашања во италијанската јавност:
1. Зошто не е викнат Политано?
2. Зошто е викнат Гаљардини?
3. Дали е Николо Ѕаниоло за репрезентација?
Гаљардини е еден од подобрите играчи во средниот ред но големо изненадување е што Интер не го пријави на списокот за Лига на шампиони.
Манчини располага со многу крилни фудбалери (Бернардески, Берарди, Кјеза и Инсиње) а дефицит има во центарот на теренот. Затоа на еден од последните тренинзи Бернардески играл во средниот ред а не во нападот.
Последен кој правеше таков експеримент со Бернардески беше Џанпјеро Вентура и тогаш за малку Македонија не ја победи Италија. На таа позиција италијанските новинари сметаат дека идеално би играл Политано од Интер.
Манчини во меѓувреме се пожали дека италијанските клубови мора повеќе да ги форсираат домашните играчи со цел репрезентацијата да биде конкурентна.
Најголемо внимание предизвика изборот на 19-годишниот Ѕаниоло кој летово од Интер прејде во Рома. Познатиот новинар Луиџи Гарландо го објаснил ова решение со тоа дека Манчини сакал да биде како Енцо Беарцот и од репрезентацијата да направи клуб од сопствени желби.
Легендарниот Il Vecchio како селектор бил познат по чудни кадровски решенија: на пример на Светско можел да викне играч (Бергоми или Масаро) кој не играл многу за репрезентацијата или воопшто немал ниеден настап.
„Јас бев две години по ред најдобар стрелец во првенството, дадов 33 гола, но мене Енцо Беарцот ме игнорираше. Малиов Ѕаниоло уште не играл ниту еден меч во Серија А а веќе е во Коверчано (базата на Аѕурите). Како се менуваат времињата“, изјавил легендарниот шпиц на Рома Роберто Пруцо.
Капитенската лента ќе ја носи Џорџо Кијелини со договор дека капитен може да биде и Даниеле Де Роси. Марио Балотели би требало да биде прв избор во нападот а чудно делува повикот на Мануеле Лаѕари. Крилниот напаѓач на СПАЛ добро се снаоѓа во формација 3-5-2 но досега не играл во 4-3-3 и 4-2-3-1, омилени тактики на „Манчо“.
Носител на играта во средниот ред би требало да биде Жоржињо кој за само неколку недели по доаѓањето во Челси се промовираше во еден од најдобрите играчи во Премиер лига.
Новиот циклус Италија го започнува со мошне изменет состав и останува да се види како ќе изгледаат „новите клинци“ на Манчини. На последната средба меѓу Италија и Полска, пријателска на 11 ноември 2011 година Марио Балотели го отвори резултатот. Дали така ќе биде и вечерва?