Едно е сигурно - расизмот не е искоренет од италијанското општество. Додека во Англија во изминатиот месец беа изречени доживотни забрани за влез на стадион на неколку навивачи на Челси кои имаа расистички испади со репрезентативецот Рахим Стерлинг, на Апенинскиот полуостров расистите топ не ги бие.
Синоќа за време на дербито на првото Божиќно коло откако се игра фудбал во Италија, се сретнаа Интер и Наполи. Домаќините славеа со 1-0 со гол во последните секунди од мечот кој едноставно мораше да биде прекинуван.
Италијанската фудбалска федерација (FIGC) одвреме-навреме изрекува казни и затвора трибини за вакви испади а судиите имаат одврзани раце комотно да го прекинат мечот ако или тие или делегатот забележи расизам од трибините.
Синоќа стоперот на Наполи, Калиду Кулибали, кој во моментов е најбараниот одбранбен фудбалер на светот и кој пред два дена потпиша нов договор со клубот, беше ужасно навредуван цел меч додека самиот не се исфрустрира и иронично да му аплаудира на судијата Маѕолени за што доби брз втор жолт и автоматски црвен.
„На крајот барав објаснување од судијата за исклучувањето на Кулибали, затоа што таа епизода влијаеше на резултатот. Три пати баравме да се прекине мечот поради криците кон Кулибали. Спикерот неколку пати побара од навивачите да прекинат, но мечот си продолжи. Цел натпревар имаше расистички крици и играчот нормално беше нервозен.
Сакаме да знаеме кога се прекинува еден натпревар. Во спротивно следниот пат самите ќе го прекинеме, без разлика дали ќе ни ја земат службено“, револтирано изјави Карло Анчелоти после мечот.
Самиот Кулибали кој потекнува од Сенегал, беше исклучен во 82’ минута а расистички го навредуваа и додека го напушташе теренот. До тој момент беше најдобар на целиот натпревар а после мечот на Инстаграм напишал:
„Жал ми е за поразот и што ги оставив моите браќа. Но горд сум на мојата боја на кожа. Горд сум што сум Французин, Сенегалец, Наполитанец: човек.“