По неуспешните преговори пред помалку од еден месец, милијардерот Би Течабул се врати во Италија и не губеше многу време. Во вилата Сан Мартино вечерва, Мистер Би како го викаат италијанските медиуми се сретнал со Силвио Берлускони и договорил откуп на 48% од акциите на клубот.
„Нацрт на договорот, кој детално ќе биде испитан, осигурува дека контролата на клубот ќе остане во рацете на претседателот Силвио Берлускони и Фининвест, кои задржуваат право на мнозински 52% од акциите. Конзорциумот со кој председава господинот Течабул ќе има удел од 48%“, се наведува во заедничкото соопштение меѓу компанијата на Берлускони, Фининвест и Течабул.
Договорот се очекува да биде спроведен во следните два месеци, а италијанските медиуми не пропуштија прилика да го прашаат Берлускони за смената на тренерското место.
„Имам добро чувство во врска со Михајловиќ. Тој е мошне пријатна личност и добар тренер“, кратко изјави Берлускони.
Во меѓувреме, желба на Синиша Михајловиќ е од неговиот довчерашен клуб Сампдорија неколку играчи да дојдат со него на Сан Сиро. Меѓу позвучните имиња е напаѓачот Едер, а Скај спорт пренесува дека се големи шансите и Александар Коларов да се врати во Италија и да потпише со Милан.