Историјата на Рабона потегот

Голот на Ерик Ламела за Тотенхем против Астерас во ЛЕ ги наполни медиумите кои го величаа Аргентинецот, а пред него потегот го користеа Пеле, Роналдо, Ди Марија...

Тренерот на Тотенхем, Маурицио Покетино по дуелот со грчкиот Астерас Триполис изјави дека никогаш во тренерската кариера не видел такво нешто, а на Јутјуб веднаш се појавија снимки со сличен гол на Ламела уште додека играше во Ривер Плата.

Рабоната има јужно-американско потекло, а за прв пат ја извел шпицот Рикардо Инфанте во натпревар меѓу Естудијантес де ла Плата и Росарио Централ. По извесно време, славата на Инфанте ја украл Италијанецот Џовани Рокотели кој се смета за „татко на Рабоната", затоа што ја изведувал на секој втор натпревар.

Во едно интервју во '98-та година Рокотели изјавил: „На секој натпревар навивачите го бараа тоа од мене и природно беше да го изведам. Имаше луѓе кои доаѓаа на стадион само за да ја видат Рабоната. Како мал почнав прво да центрирам така. Ја завикаа Рабона затоа што почна да ја изведува и Роналдо, но во една прилика Пеле лично изјави дека се сеќава на еден Италијанец кој го правел тоа пред него. Тоа бев јас".

Пеле и Бразилецот Роналдо го усовршија потегот, а Рабоната сезонава неколку пати како центаршут ја видовме и во Премиер лигата, каде играат Анхел Ди Марија и Маркос Рохо.

Дефанзивецот на Манчестер Јунајтед на СП во Бразил летово го искористи потегот за да исфрли една топка од неговиот шеснаесетник, во дуелот против БиХ.

Рабоната често ја употребуваат и Луис Суарез и Нејмар, а Дејвид Дан е пример дека потегот не се изведува на натпревар, ако не си го научил добро на тренинг.