Главен трансфер досега летово е оној на 17-годишниот Џуд Белингем од Бирмингем во Борусија Дортмунд. Освен главницата на трансферот која изнесува 23 милиони евра, англискиот клуб би можел да добие уште 3 милиони фунти од бонуси.
Белингем стана најскапиот 17-годишен фудбалер во историјата. Тој веќе се приклучил во кампот на Дортмунд во Бад Рагац а ќе го носи дресот со број 22. Договорот му важи до 2025 година.
Иако на крајот од јуни наполни 17 години, Џуд во изминатава сезона во Чемпионшип одига 40 натпревари (4 гола и 3 асистенции). Освен тоа тој е најмладиот играч во историјата на Бирмингем - дебитирал на 16 години и 38 дена.
За трансферот на Џуд Борусија ја објави песната Hey Jude од Битлси
Hey Jude 🎸 pic.twitter.com/SyjizjOQOl
— Borussia Dortmund (@BlackYellow) July 20, 2020
Џуд е екстра талентиран играч од среден ред, а може да игра и десно и лево, па дури и во улога на центарфор. Скаутите кои го гледале досега, сметаат дека тој многу потсеќа на Деле Али.
Изданието FourFourTwo уште во февруари (пред дебито на Џуд во сениорски фудбал) го вклучило на листата од топ50 најголеми таленти во англискиот фудбал.
Преминот во Дортмунд само го потврдува неговиот потенцијал - во последните години за Борусија играа и уште играат Санчо, Рејна, Ерлинг Халанд, Загаду и др.
За разлика од многу негови врсници, па и повозрасни фудбалери, Џуд води максимално сериозна кариера, не игра видео игри во слободно време („Подобро ќе одам на тренинг за ментално здравје“) и собира пари за изградба на школи во Африка.
Џуд има голема поддршка и од семејството посебно од татко му Марк којшто го викале „Пеле од пониските лиги“. Белингем-постариот дал околу 700 гола на 850 меча за 15 нисколигашки клубови.
„Џуд е од семејство кое го поддржуваше на патот до првиот тим“, вели шефот на академијата на Бирмингем Кристијан Спикмен.
Семејството Белингем е во одлични односи со Спикмен кој е и технички директор на клубот. Уште од првите денови Кристијан Спикмен вршел притисок врз тренерот Гери Монк да го става повеќе Џуд во прв тим и да не го праќа на позајмица. Монк одбил и заминал од екипата.
ВО ДОРТМУНД РАЗВИЈА СТАНДАРДИ СО КОИ ГИ ПРИВЛЕКУВААТ НАЈГОЛЕМИТЕ ТАЛЕНТИ
Скаутите на Борусија Дормтунд го следеле Џуд Белингем повеќе од три години, но не биле единствени.
Од август 2017-та година Манчестер Јунајтед еднаш месечно добивал скаутски извештај за младиот талент, а минатата зима Мајк Фелан лично го гледал Џуд. На 14 години Белингем ги поседил академиите на сите топ клубови во Англија но семејството инсистирало тој да остане да се развива во Бирмингем.
Дортмунд по исто сценарио по кое ги примами Холанд, Џејдон Санчо и Рејна, тргнал и по Белингем. Му праќале дресови од клубот, го поканиле на екскурзија по стадионот и имал средби со играчите и легендите на клубот.
Санчо докажа дека Англичани можат одлично да се снајдат во Бундеслигата каде има голем број млади фудбалери од Островот но и од САД.
Во март годинава Џуд бил поканет и на „Олд Трафорд“ каде екскурзија му правел лично Сер Алекс Фергусо кој му оставил силен впечаток на младиот бисер. Во тоа време и Баерн Минхен го контактирал семејството за трансфер во шампионот на Германија.
Интересно, Манчестер Јунајтед му понудил на Бирмингем 28 милиони евра + бонуси но клубот го оставил играчот сам да одлучи. Тој ја одбрал Борусија Дортмунд која ќе му дава 3 милиони евра годишна плата за разлика од далеку пониската понуда од „Олд Трафорд“:
Уште еден плус во корист на германскиот гигант е тоа што 17-годишниот Џуд Белингем логично ќе има повеќе шанса за докажување во Борусија отколку во Јунајтед каде во среден ред сигурни се Бруно Фернандеш и Погба, а за место во тимот конкурираат и Матиќ, Мектоминеј и Бразилецот Фред.
Дортмунд не му ветил место во почетниот состав, но му покажала план според кој секоја сезона тој ќе добива сè повеќе простор. Ако се има предвид дека Џејдон Санчо е на излезна врата (пред потпис со Јунајтед), тогаш логично е Џуд да биде негова алтернатива.