На голот на идеалниот тим е Лев Јашин, кој ја освои Златната топка во 1963-та година и остана единствениот голман кој успеал да го добие ова признание.
Во одбраната е Фабио Канаваро кој ја освои наградата откако ја предводеше Италија до светскиот трон во 2006-та година. До него се Франц Бекенбауер и Лотар Матеус. Бекенбауер беше фудбалер на годината и тоа два пати (1972 и 1976), а Матеус кој играше во средниот ред и во одбраната, одигра рекордни 150 натпревари за германската репрезентација и ја освои Златната топка во 1990-та година.
За место во средниот ред се избори Зинедин Зидан кој ја предводеше Франција до титулата од Светското првенство во 1998-та година, а Јохан Кројф дури три пати беше прогласуван за најдобар фудбалер на годината (1971, 1973 и 1974).
Алфредо Ди Стефано беше главен играч во тимот на Реал Мадрид кој освои пет европски титули во серија, а тој на два пати беше наградуван со Златната топка (1957 и 1959). Мишел Платини ја освои Златната топка три пати по ред (1983, 1984 и 1985) и тоа беше рекорд пред неодамна да го собори уште еден член на овој тим.
Лионел Меси е рекордерот со четири Златни топки (2009, 2010, 2011 и 2012) и тој ја предводи напаѓачката линија на идеалниот тим. Покрај него се Марко ван Бастен кој има освоено три вакви награди и Роналдо, но не актуелниот освојувач Кристијано Роналдо, туку Бразилецот кој има освоено две Светски првенства и исто толку Златни топки (1997 и 2002).