Украина во Скопје допатува како најдобро пласирана трета селекција во моментов, епилог кој Украинците ги води на Европско првенство во Франција под услов резултатите на конкурентите да им одат во прилог. За истиот луксуз во последните две кола се борат Унгарија и Словенија.
Од таа причина, Украина од стартот отворено тргна кон голот на нашата репрезентација која до вечерва прими 16 голови во тековните квалификации, а даде само 8. Гостите веќе имаа три корнери до 8. минута, но Шиков добро се справувавше. Првата сериозна шанса Украинците ја имаа преку нивниот најдобар играч, Андриј Јармоленко, но капитенот Пачовски одбрани.
Селекторот Друловиќ веќе на средината од првиот дел направи принудна замена. Ферхан Хасани се повреди, а на негово место влезе Бесарт Абдурахими. Во 32-та минута, Агим Ибраими од 15-ина метри го загреа легендарниог голман на Шахтјор Донецк, Андриј Пјатов.
Второто полувреме започна во побавен ритам од првиот дел и освен чести прекини на играта поради фаулите, немаше сериозни прилики пред двата гола. До 58-та минута кога резултатот на семафорот покажа 0-1.
По една акција од левата страна каде комбинираа Федецки и Сидорчук, фудбалерот на Динамо Киев центрираше на втората статива каде Јармоленко шутираше со глава, но топката се одби од раката на Леонард Жута и Романецот Хатеган досуди пенал. Реализираше Јевхен Селезнов кој го прати Пачовски на другата страна за водство на Украина.
Томе Пачовски во 80-та минута одбрани чист зицер на Конопљанка и спречи зголемување на водството на Украина. Македонските репрезентативци од тој момент се ослободија од притисокот и конечно сфатија дека вечерва играат на домашен терен и немаат што да загубат.
Тоа им отвори можност за контри на гостите, кои искористија прилика и во 87-та минута зголемија на 0-2 преку нововлезениот Артем Кравец, на асистенција на Федецки.
Шпанија е лидер во групата со 24 бода, Словачка и Украина имаат по 19. Белорусија е четврта со 10, Луксембург има 4 на петтата позиција, а Македонија е потонета последна со 3 освоени бодови на 9 натпревари. Во последното коло од најлошиот квалификациски циклус, нашите фудбалери гостуваат во Белорусија.