Манчестер Сити со 3:0 го прегази Арсенал во финалето на англискиот Лига Куп а тренерот на „граѓаните“ Пеп Гвардиола докажа дека уште не е спремен да престане да ги поддржува политичките затвореници од Каталонија, како што бараат од него.
Пеп на неколку меча покрај аут линијата ја носеше жолтата лента на капутот, но ФА стриктно забранува какви било политички или религиозни пораки за време на натпреварите организирани од нив. Некогашниот тренер на Барселона, на финалето на „Вембли“ не носеше жолта лента, но искористил простор на прес-конференција да зборува за тоа што мисли:
„Пред сè јас сум човек, па после сум тренер. Мислам дека Англија добро знае што значи тоа. Вие го имавте Брегзит, го оставивте народот да си го изрази мислењето (гласањето за напуштање на ЕУ). Ѝ дозволивте на Шкотска да направи референдум за тоа дали сакаат да останат или не, и луѓето гласаа (да останат дел од Велика Британија). Тоа е тоа што ние го бараме (за Каталонија). Тие што бараа се сега во затвор“.
Поранешниот вице претседател на регионот Катралонија Ориол Жункерас е во затвор заедно со поранешниот министер за внатрешни работи Хоакин Форн и двајца лидери на две групи кои се бореа за незавнисност од Шпанија, Жорди Куичарт и Жорди Санчез. Петмина поранешни министри од Каталонскиот кабинет, предводени од поранешниот претседател на Каталонија Карлес Пуџдемон избегаа во Белгија која уште не ги испорачува на Шпанија.
„Ако се вратат ќе одат во затвор. Мислам дека проблемот не е до политичарите туку до демократијата, за народот кој што би дал апсолутно се за демократија“, одговорил на некои прашања Пеп Гвардиола на прес-конференцијата после Арсенал и додал: „Ова е народна иницијатива и јас сум благодарен за тоа. Имам емпатија за луѓето кои немаат право на слобода, каква што е ситуацијата со дечките во Каталонија. Секој може да се најде во таква позиција. Тие се невини луѓе со повеќе од 140 дена во превентивен затвор“.
Целиот проблем е во тоа што Гвардиола ја отворил прес-конференцијата со низа пофалби до Шеик Менсур бин Зајед Ал Нахјан, газдата на Манчестер Сити, пред да почне да дискутира за правата на слободен говор во Каталонија.
Некој од присутните новинари го прашал за истите тие права во земјата на неговиот шеф, Обединети Арапски Емирати каде Шеик Менсур е во Советот на Премиерот. Обединетите Арапски Емирати според Amnesty International ги кршат правата на слободно изразување и слобода на говор.
„Секоја земја сама за себе одлучува како сака да живее. Ако човек таму одлучи да живее така, тоа е што е. Јас сум во земја во која демократијата е инсталирана пред многу години и се обидувам да ја заштитам таа ситуација“, некако се извадил Пеп од незгодното прашање.