Големиот Милан од 2000-те години веќе дава големи тренерски имиња

При погледнување на некоја фотографија од времето на моќниот Милан кој играше 3 финалиња на Лига на шампиони, освои пар скудета и имаше многу легендарни фудбалери, носталгија ги фаќа не само навивачите на росонерите туку и многу други.

Од таа сјајна генерација на Милан, денес во клубот на административни должности се Паоло Малдини и Кристијан Абијати. Некој како Роналдо решија да купат сопствен фудбалски клуб (Ваљадолид), а некој како Виери просто уживаат во животот.

Но интересно е што повеќето станаа тренери. Најсвеж пример е Андреа Пирло, волшебникот со топка кого го назначија за тренер на Јувентус.

Одиме со ред:

ДИДА - Тренер на голмани во Милан

Легендарниот бразилски голман кој имаше фантастични настапи и освои Лига на шампиони со Милан, ја заврши кариерата на дури 43 години. После работеше како тренер на голмани во Кина и Египет. Од минатото лето добил договор во Милан каде е задолжен за голманите на младинците (primavera).

Од почетокот на август го прекомандувале во прв тим каде ќе ги тренира голманите.

АЛЕСАНДРО НЕСТА - Тренер на Фрозиноне

Фрозиноне е веќе трет клуб во кариерата на еден од најдобрите стопери на сите времиња. Претходно беше тренер на Мајами (во втората американска лига) и Перуџа. Но сега со Фрозиноне прави големи резултати и влезе во финалето на плејофот за пласман во Серија А. Шанса да го гледаме со другарите Гатузо и Пирло пак во Серија А.

ДАНИЕЛЕ БОНЕРА - Технички помошен тренер во Милан

Стоперот кој знаеше да ги нервира најверните навивачи на Милан, минатата година конечно реши да ја заврши кариерата во Виљареал па се врати во Милан и стана помошник тренер на Марко Џампаоло. Сега работи во стручниот штаб на Стефано Пиоли.

На фотографијата со Паоло Малдини кој не стана тренер туку технички директор на Милан.

МАСИМО ОДО - Тренер на Перуџа

Долги години беше бек на Милан и репрезентацијата на Италијаа. Откако стана тренер само кратко водеше клуб во Серија А (ја доработи сезоната со Пескара кога тимот испадна во Серија Б). Одо доби отказ во февруари кога екипата имаше само една победа во првенство. Следната година го викнаа во Удинезе каде исто имаше резултати топло-ладно: прво врза 5 победи по ред во првите 6 кола, ама го избркаа во април после катастрофални 11 порази по ред!

Масимо Одо сезонава се бореше да не испадне со Перуџа од Серија Б. Минатата зима го отпуштија, па летово го вратија.

ЈОХАН ФОГЕЛ - Селектор на Швајцарија U-19

Швајцарецот кој играше во среден ред и се прослави во ПСВ Ајндховен, еднаш стигна и до Милан каде не остави голема трага но одигра неколку средби.

Фогел веќе 7 години работи како тренер на младинци: бил во Цирих, во ПСВ, а сега е селектор на Швајцарија У-19. 

ЏЕНАРО ГАТУЗО - Тренер на Наполи

Рино само што ја заврши кариерата, почна да учи за тренер. Седна на клупата на Сион, Палермо, Пиза, Аек, па се врати во родниот Милан. Летово го препороди Наполи на нашиот Елмас и успеа да и се спротивстави на Барселона во Лига на шампиони и да го освои италијанскиот Куп против Јувентус во финале.

КЛАРЕНС СИДОРФ - Поранешен селектор на Камерун

Првото работно место по крајот на кариерата на Холанѓанецот беше Милан. Многумина не памтат дека Сидорф стана тренер и го водеше Милан но се испостави дека нема доволно искуство. После ги водеше кинескиот Женшен и шпански Депортиво.

Последно работно место му беше репрезентацијата на Камерун од каде го отпуштија по слабиот Куп на Африка пред една година (доби отказ заедно со уште еден поранешен играч на Милан - Патрик Клајверт).

КРИСТИЈАН БРОКИ - Тренер на Монца

Уште еден поранешен фудбалер на Милан. Силвио Берлускони и Адриано Галијани го поставија за тренер на Монца во новиот проект. Клубот сезонава влезе во Серија Б и има намера да оди до Серија А и еврокупови.

АЛБЕРТО ЏИЛАРДИНО - Тренер на Про Верчели

Некогашниот шпиц на Италија и Милан сезонава првпат беше тренер на еден клуб во професионален фудбал. Неговиот Про Верчели заврши како 14-ти во третата лига Серија Ц, но Алберто има понуди да остане во клубот, а се шпекулира дека за тренер на младинците го бараат Јувентус и Болоња.

ФИЛИПО ИНЗАГИ - Тренер на Беневенто

Легендарниот шпиц едно време беше тренер на Милан ама не се докажа. После две сезони беше тренер на Венеција и имаше не баш успешна полусезона со Болоња. Од јуни минатата година Пипо го тренира Беневенто и успеа на неколку кола пред крајот да го однесе во Серија А.

АНДРЕЈ ШЕВЧЕНКО - Селектор на Украина

Шева ја заврши кариерата во 2012 година и веднаш почна да учи за тренер. Прво ја одби понудата да стане селектор на Украина без искуство и тоа се испостави како многу паметен потег. Откако ја доби Pro лиценцата, Андреј Шевченко во февруари 2016-та година влезе во штабот на селекторот Михаил Фоменко, а после стана селектор на Украина која што ја одведе на Европско првенство.

Украинците не се пласираа на Светското 2018 во група со Исланд и Хрватска, но затоа мошне успешно ги завршија квалификациите за ЕП 2021 со 4 бода од дуелите со Португалија.

ЛЕОНАРДО И СЕРЖИЊО - Беа тренери на Анталијаспор

Леонардо е еден од Бразилците со најдолг стаж во управите на европските клубови. Ги тренираше и Интер и Милан, па беше директор и во двата клуба, па во ПСЖ. Пред 3 години Леонардо добил понуда да го води турскиот клуб Анталијаспор и за помошник го зема Сержињо, легендарното лево крило на Милан.

Бразилците останале само пар месеци во Турција и заминале.

Леонардо сега одново е спортски директор на ПСЖ, а Сержињо е скаут во Милан. 

ЈОН-ДАЛ ТОМАСОН - Тренер на Малме

Данскиот напаѓач заврши тренерска школа во Холандија и таму почна да работи (Рода и Екселзиор). Потоа му беше помошник на Питер Бош во Витезе и беше помошник во репрезентацијата на Данска. Од минатата зима е тренер на Малме каде конечно се осамостои во професијата. Во Шведска Малме во моментов е прв со само 1 пораз, но испадна од Лига Европа од Волфсбург.

ЈАП СТАМ - Тренер на Синсинати

Гигантот во одбрана од кој бегаа сите, ја заврши кариерата во 2007-ма година и реши да тргне во тренерски води: ги тренираше младинците на Цволе и Ајакс, па имаше две бледи сезони како главен тренер на Рединг, па уште едно фијаско во Цволе и во Феенорд.

Во Ротердам беше тренер пола година а го избркаа по поразот од Ајакс од 0:4. Стам замина во американскиот МЛС каде сега го тренира Синсинати.

ЕРНАН КРЕСПО - Тренер на Дефенса и Хустисија

Стрелец на два гола во легендарното истанбулско финале почна тренерска кариера во Италија. Прво ги водеше младинците на Парма, па стана тренер на аутсајдерот во Серија Б Модена, па поработи како потпретседател на Парма но сфатил дека му треба нешто поенергично долу на теренот.

По извесно време се врати назад во Аргентина. Од Банфилд го отпуштија за неколку месеци, а во зимата 2020-та стана тренер на Дефенса и Хустисија (уште нема пораз во лигата).

Креспо вели дека негови најдобри учители биле Карло Анчелоти и Жозе Мурињо. Вели дека мечтае да се врати во Премиер лига и да стане тренер таму.

АНДРЕА ПИРЛО - Нов тренер на Јувентус

На 30. јули Андреа Пирло беше поставен за тренер на младинците на Јувентус. А на 9. август одекна бомба дека Пирло станува тренер на првиот тим.

Андреа досега немал ниту еден меч како професионален тренер а нема ниту тренерска лиценца UEFA PRO. Курсот му завршува во октомври така што ќе фигурира како помошник на клупата.

****

Покрај сите овие, како тренери работат уште и поранешните шампиони со Милан: Марк Ван Бомел (2 години беше тренер на ПСВ но не освои ниту еден трофеј и од декември е без работа), Марко Амелија (до декември лани беше тренер на голмани во третолигашот Вастезе во Серија Д), Никола Легротаље (екс тренер на Пескара), Џанлука Ѕамброта (поранешен помошник на Фабио Капело).