Барселона тргна офанзивно уште од самиот старт, а првата шанса ја имаше Меси. Педро од десната страна го проигра Аргентинтинецот, а тој откосо биеше само крај левата статива.
Казната стигна 10 минути подоцна. Роналдо се обиде да се пробие по десната страна од шеснаесетникот, но беше соборен од Пике. Судијата не се двоумеше и покажа кон белата точка, а самиот Португалец беше сигурен реализатор на најстрогата казна.
Како и на секое „Ел Класико", така и на овој дуел, помеѓу фудбалерите владееше голема нервоза која овој пат најчесто ја истураа кон судијата Маљенко. Фудбалерите на Реал до крајот на првиот дел бараа уште еден пенал по наводното играње со рака на Пујол, а на спротивната страна Барселона протестираше и на два пати бараше најстрога казна по стартовите во шеснаесетникот над Фабрегас и Педро.
Повеќе пенали до крајот на првото полувреме немаше, а немаше ни сериозни закани кон двата гола, па на паузата се замина со предноста на Реал од 0:1.
Втората казна за анемичната Барселона стигна во 57-та минута. Кедира ја започна брзата контра и го проигра Ди Мариа чиј удар беше изблокиран, но топката се одби до Роналдо на кого не му беше тешко да ја погоди небранетата мрежа.
Натпреварот го реши Варан кој во 68-та минута по корнерот на Озил, со глава заби за неверојатни 0:3.
Почесниот погодок за Барселона го постигна Жорди Алба по асистенција на Меси во 89-та минута за конечни 1:3 и пласман на Реал Мадрид во финалето на шпанскиот куп со вкупни 2:4.
По 223 официјални натпревари, Барселона остана на 86, Реал Мадрид сега има 89 победи, a 48 натпревари завршиле нерешено.