Навивачите на Торино чекаа на тој ден цели 35 години. Толку време нивните миленици не дале гол за репрезентацијата на Италија. Последен беше Џузепе Досена кој на пријателски меч против Бугарите дал гол, но во сопствената мрежа пред крајот од мечот.
Претходно „Граната“ за Национале дала играчи како Алдо Серена, Џанлуиџи Лентини, Џорџо Вентурин, Андреа Силенци. Какви имиња од Гранде Торино. Сите тие блескале во клубот но во репрезентацијата секогаш им недостасувало нешто.
Последен играч од славниот Торино кој играл за Италија бил Руџеро Рицители, но одмаздливиот Ариго Саки веќе не го викал во националниот тим во базата Коверчано, откако фудбалерот јавно го поддржал Аѕељо Вичини во борбата за нов селектор.
Од стартот на оваа сезона, Андреа Белоти давал гол на секои 59 минути со што е најкорисен напаѓач меѓу првите стрелци во Европа во моментов.
„Без Белоти ние сме пола екипа“, вели Кристина Равиола, колумнист за ToroNews. Ако таа преувеличува, не го прави тоа без основа. Уште пролетта годинава беше видно дека напаѓачот веќе не може да ја игра улогата прва замена. Во Торино веруваат дека Белоти е способен да ја надмине и клупската легенда Паолино Пучини.
Дали ова малку несмасно момче од Ломбардија е навистина толку талентирано? Врз основа на што се гради толкавата доверба во перспективата на Белоти? За последните 10 години во Италија се појавија многу талентирани напаѓачи кои после неколку добри меча го освојуваа вниманието на новинарите, а потоа следуваше пад и брзо ги забораваа. Бориело, Борини, Дестро, Паволети, Имобиле, Черчи. Кој е следен?
Андреа Белоти се разликува од класичните напаѓачи по тоа што на оваа позиција заиграл подоцна - кога имал 17 години.
На оваа возраст италијанските јуниори веќе имаат дефинирана улога. На пример, Џанлуиџи Буфон играл во среден ред а на голот застанал на 13 години. За Белоти сè се сменило кога тренерот на младинците (primavera) на Албинолефе, Алесио Пала го ставил во нападот.
Ова решение му ја спасило кариерата на Андреа, во спротивно тој речиси сигурно никогаш не би заиграл на високо ниво. Алесио Пала, сега е тренер на младинците на Аталанта, а во Италија е познат по тоа што ги открива талентите во Ломбардија. Најзаслужен е за фудбалери како Џакомо Бонавентура, Симоне Ѕаѕа и Маноло Габјадини.
Во младинците на Албинолефе, Белоти губел место од конкуренцијата. Ова е типичен проблем за играчите родени на крајот на декември, затоа што тие секогаш се во група со понапредните врсници. Од иста причина Белоти не го примиле во Аталанта Бергамо за која страстно навиваат татко му и дедо му.
Но тренерот Пала „го намирисал“ инстиктот за голови на Андреа и решил да го развива тој квалитет. Откако станал прв тренер на Албинолефе, Пала му доверил место на Белоти во првиот состав а фудбалерот веднаш се истакнал со голови. За брзиот развој му стигнала награда од Џиџи Ди Бјаџо кој го викнал на Европското У21. Класата Белоти ја потврди на мечот против Англија.
Не помина ни половина час, а шпицот одговори на една долга топка од Доменико Берарди. Поради тоа што беше близу голот мораше да шутира во карате стил:
Алесио Пала сега е горд на својот ученик:
"Секогаш зборував дека во работата со младите треба трпение. Физичката сила на Андреа беше видлива веднаш. Но од техничка гледна точка, тој уште беше незрел. Неговото трчање и начин на игра го правеа несмасен. Но секогаш беше весел, не беше себичен, сакаше да напредува. Изгледаше како младиот Џанлука Виали кога играше во Кремонзе. Сигурен сум дека порано или подоцна ќе најде тренер кој ќе го открие неговиот потенцијал. Јас се појавив во право време".
Слично мислење има и познатиот Емилијано Мондонико (тренер на Андреа во Албинолефе): „Белоти во себе има комбинација од квалитетот на Роберто Бонисењи и Пјерлуиџи Казираги. Тој е центарфор од стар ков“.
Аналогијата со Виали го зголемила вниманието врз Андреа Белоти. Кога постои талент, секогаш може да најдете играч со кој талентот личи по стилот на игра. Така доаѓаа и исчезнуваа „вториот Тоти“, „вториот Малдини“, Буфон, Виери, Дел Пјеро, Пирло.
Но последниот капитен на Јувентус кој го крена Европскиот Куп е единствен по тој подвиг. Никој уште не се споредувал со Виали. Ова не е случајно, и за да ја имате оваа чест потребно е да имате многу добри карактеристики.
Лука Виали не беше крилен напаѓач или дриблер. Никогаш немаше стартна брзина или висок скок, немаше ниту тактичка мудрост, но затоа имаше огромно чувство за положба. Иако му требаше партнер во нападот, многу голови Виали постигна сам.
Виали шутираше со двете нозе еднакво добро, а неговата најголема вредност која што ја промовираа сите тренери беше способноста да се движи без топка. Се ова во потполност се однесува и на Андреа Белоти. Дури и антропометриските карактеристики им се идентични. Покрај тоа и двајцата доаѓаат од Ломбардија иако од различни провинции.
Андреа е од малиот град Калчинате кое има популација од 5.000 жители. Интересно е дека во ова место се родени и Маноло Габјадини и Пјетро Верховод, најсилниот италијански стопер на сите времиња по мислење на Марио Скончерти.
Често големите таленти ги уништува лош карактер. Но ова не се однесува на Андреа Белоти. Точно пред една година премина од Палермо во Торино каде се преселил со својата вереница Џорџа со која закажале венчавка следното лето. Девојката за него вели дека „е човек од некое друго време“, и нагласува дека секогаш бил спокоен како антички херој.
Лани во Торино тренер му беше сегашниот селектор на Италија. Белоти на почетокот никако не можел да даде гол за „Биковите“, а за тоа и немал многу шанси. Првиот гол за Торо го даде против Болоња на 28. ноември. Со Имобиле како партнер во нападот, Белоти постигна два против Фрозиноне, а потоа и против Сасуоло. На крајот на сезоната имаше 12 голови под водство на Џампјеро Вентура.
Андреа беше близу до настап на ЕП 2016, но Конте не сакаше да експериментира со напаѓачите. Затоа Вентура сега најмногу му верува на тандемот кој го водеше во Торино. Белоти дебитираше за Италија на пријателската против Франција (1-3), а подоцна во Скопје постигна гол против Македонија за 0-1.
Прекарот Il Gallo (на италијански - петел) му го наденал Јуриј Гало, другар на Белоти од детството кој му препорачал така да ги слави головите како петел. Друга верзија е дека Белоти секогаш ги бркал и трчал по петлите на фармата кај тетка му во Грумело. Интересно е што и презимето на еден од тренерите во младинците на Албинолефе се презивал Galletti (на италијански - кокошки). Овој збор како да го следи Белоти цел живот. Еднакво и по карактерот на оваа птица, Белоти е спокоен, воздржлив и скромен.
Во неговото воспитување активно учество имала баба му која порано ги гледала сите мечеви, па дури и му го носела неговото омиле јадење - брендирани колбасици спремни по домашен рецепт.
Кога Андреа потпишал богат договор, сигурен бил дека неговите родители ќе престанат да работат. „Веќе не можев да ја гледам мајка ми уморна. Им го должам тоа на своите родители, бев должен да направам нешто во таа смисла“, вели скромниот Белоти.
Идол на Белоти му е - Андреј Шевченко чијшто постер стоел во неговата соба на крајот од ’90-те години. Иако по начинот на игра не изгледа како неговиот идол, и двајцата ги краси напорната работа и стремежот за добро на екипата. „Покрај Шева, во животот сум сретнал само еден играч кој тренира со ист жар како него“, изјави Џенаро Гатузо во една прилика. Нема потреба да се потенцира кој е тој.