Пријателски натпревари се закажани за претстојниот викенд и потоа следната недела. Изборот на противник за пријателска од регионот од каде доаѓа и нивниот ривал во групата на Мундијал не е новост, но овојпат е многу застапен.
На пример:
Во групата А на СП 2018 ќе играат домаќинот Русија, Саудиска Арабија, Египет и Уругвај.
Саудиска Арабија и Египет можеби доаѓаат од различни конфедерации, но се граничат едни со други и сфаќањето на фудбалот им е речиси исто. Од друга страна, Русија ќе игра пријателска против Бразил за да се спреми подобро за Уругвај, а за истата цел Саудиска Арабија ќе игра и против Перу.
Во групата Б на СП 2018 ќе се сретнат: Португалија, Шпанија, Мароко и Иран. Интересно, Шпанците имаат граница и со Португалија и со Мароко. Па, верувале или не во следниов период ќе гледаме пријателски: Шпанија - Тунис, Португалија - Тунис и Иран - Тунис. Тунижаните важат за иста школа на фудбал со Мароканците.
Во групата Ц се Франција, Австралија, Перу и Данска.
Овде никој не може да најде противник кој би ја глумел Австралија, па затоа Франција и Австралија ќе играат пријателска против Колумбија која ќе треба да го глуми Перу, а Данска „му се јавила“ на Чиле да се пробаат. Австралијците ќе имаат и генералка против Норвешка а Перу ќе игра и против Шведска со цел да види како играат Скандинавците.
Во групата Д: Аргентина, Нигерија, Исланд, Хрватска.
Исланд ќе се спрема за „Гаучосите“ против Перу. Хрватска ИСТО игра против Перунците. Нигерија секое Светско налетува на Аргентина и не може само да се спреми за Меси па наместо да патува до Јужна Америка, ќе игра пријателска против Полска.
Во групата Е: Бразил, Швајцарија, Костарика и Србија.
Бразилците ништо не препуштаат на случајот па за Швајцарија ќе се спремаат против нивниот сосед Австрија а за Србија против Хрватска, земји кои се граничат едни со други.
Во групата Ф: Германија, Мексико, Шведска и Јужна Кореја.
Швеѓаните ќе се спремаат против Чиле, Романија, Данска и Перу. Јужна Кореа се реши за пријателска против Северна Ирска. Мексико ќе игра против Исланд и Данска за да го проучи скандинавскиот стил на игра.
Во групата Г: Белгија, Тунис, Англија и Панама.
Панама се наоѓа веднаш до Костарика па од таа причина Белгијанците закажале пријателска со Костарика како и Англичаните и Тунижаните. Одлична стратегија пред енигмата Панама во групната фаза.
Во групата Х: Полска, Сенегал, Колумбија и Јапонија.
Јапонија? Таму е и Јужна Кореја, па Пољаците се решиле да ги одмерат силите со Корејците кои ги барал и Сенегал. Колумбија реши да се спрема против Австралија која веќе неколку години е во иста конфедерациска група со Јапонија.
Секако, има големи разлики во стилот на фудбал кој го играат репрезентации од иста конфедерација и нема посебни стереотипи, но има некоја логика зошто се организираат вакви пријателски средби. А затоа е убаво и шарено Светското првенство.