Генијалниот Меси има 60 гола од слободен удар

Минатата сабота ПСЖ со 2-1 ја совлада тврдата Ница, а првиот гол за Парижаните го постигна Лео Меси од слободен удар. Со преубав шут Аргентинецот го остави Каспер Шмајхел само со поглед да ја испрати топката во мрежа.

За Лионел Меси прекрасната „кифла“ од слободен удар против Ница беше негов 60-ти од прекин во кариерата и прв за ПСЖ. Последен пат маестрално ја пласираше топката преку жив ѕид на клупско ниво во мај 2021-ва година. Тогаш за Барса против Валенсија.

После тој погодок Меси извел дури 29 слободни удари со шут кон противнички гол (26 обиди во дресот на ПСЖ) но ниту еден успешен. Во Лига 1 три пати од слободен удар погодил статива или пречка (со Лион, Рен и Лил).

Пред прекрасниот еврогол со Ница минатиот викенд, Меси последен пат успешно стрелаше од слободен на мечот Аргентина - Јамајка.

И покрај многуте неуспешни обиди, Меси и натаму важи за најдобриот изведувач на слободни удари на денешницата. Лео имаше и по три меча по ред на кои даваше гол од слободен удар.

Во октомври 2019-та прво против Реал Мадрид во Ел класико постигна прекрасен погодок од прекин а набрзо после тој меч и против Уругвај исто од слободен.

Во јануари 2017-та Аргентинецот имаше луда серија со три меча по ред на кои ги матираше голманите од прекин (Атлетик Билбао х2, Виљареал). Исто тројна серија имаше и во периодот февруари-март 2018-та кога ги натера голманите на Жирона, Лас Палмас и Атлетико Мадрид да ја вадат топката од својата мрежа.

Во 2019-та, во март-април Лионел, најголемиот играч на сите времиња според многумина, со левицата ги совлада и чуварите на мрежа на Еспањол и Виљареал, а во септември-октомври годинава 2022 против Јамајка и Ница исто беше прецизен од слободен.

Во Ла Лига Меси има дури 39 погодоци од слободен удар. Во шпански Кралски Куп (3 гола од слободен), во Лига на шампиони 5 од слободен, во Суперкуп на Шпанија 1, во Суперкуп на УЕФА 2, во Лига 1 има 1 гол од слободен и за Аргентина има 9.

За „гаучосите“ гаѓал од прекин: 4 пати во квалификации за Светско првенство, 3 гола на Копа Америка, 1 на Светско првенство и 1 на пријателска.

2 ПОВЕЌЕ ОД РОНАЛДО

Со учинокот од јубилејни 60 гола од слободен удар во кариерата, односно со последните 2 против Јамајка и Ница, Меси му бега два на Кристијано Роналдо кој во кариерата досега постигна исто фантастични 58 погодоци од слободен удар. Интересно до 2011-та година Роналдо имал 40 гола од прекин а Меси само 4.

Португалецот последен пат распали од слободен удар на 16 април годинава против Норвич а до тој гол го следеше суша неверојатни 651 ден - од 4 јули 2020-та кога даде гол од слободен за Јувентус во дербито со Торино.

Во Јувентус Роналдо има во просек по 1 гол од 71 обид од слободен удар а во Манчестер Јунајтед 1 гол од слободен од 10 обиди во просек.

Сите погодоци на Лионел од слободен освен последните два со Јамајка и Ница:

Магијата на Меси од слободен

4 октомври 2022 - 13:29