Газдата на Кардиф, Винсент Тан повторно се најде на тапет во Англија, откако на своите фудбалери пред натпреварот со Тотенхем им понудил премии од по 3,7 милиони фунти ако избегнат испаѓање од лигата.
За нас ваков вид на мотивација на фудбалерите не е ништо ново ниту чудно, но во Велика Британија тоа не е дозволено. Според правилата на Премиер лигата, премии не смеат да се ветуваат во текот на сезоната.
Контроверзниот Тан пред почетокот на првенството не ни помислувал дека неговиот тим ќе се бори за опстанок, па сметал дека нема потреба да ги мотивира фудбалерите со ветување на ваква премија.
Но по 28 кола, Кардиф е на претпоследното место со само 22 поени, односно еден повеќе од последно пласираниот Фулам и три помалку од екипата на ВБА која се наоѓа веднаш над зоната за испаѓање.
Очигледно дури ни овој вид на „нелегална" мотивација не делувал пред натпреварот со Тотенхем затоа што неговиот тим загуби со 1:0.