Популарниот Рино Гатузо и денеска е топ тема во италијанските медиуми, а според најновите информации од Кремона каде се води операцијата „Ласт Бет" тој има големи шанси да излезе како невин во скандалот со наместени натпревари на Милан.
Пензионираниот фудбалер примал пораки од Франческо Бацани кој е еден од четворицата уапсени и кој успевал да влегува во тренинг кампот на Милан, но Гатузо не му одговорил на ниту една. За „MilanNews" тој даде долго интервју во кое ги негира обвиненијата.
„Играв 13 години за Милан и тоа беше посебен свет. Ниту еден функционер на клубот не ми кажувал дека треба да победам или да загубам на некој меч, затоа што ние одевме на терен секогаш на победа. Никогаш не сум имал средби за да наместам меч. Сум бил неколку пати во казино, но не сум правел забранети работи. Ова што ми се случува сега ме прави уште полут, затоа што доживеав стрес, но не ја губам волјата и понатаму да работам како тренер", вели Гатузо.
Тој е поврзуван со четири сомнителни натпревари: Милан – Каљари 4:1 (14.5.2011), Милан – Бари 1:1(13.3.2011), Киево - Милан 1:2 (20.2.2011) и Милан-Лацио 0:0(1.2.2011), но еве што вели за нив.
„На мечот со Бари ќе ја искршев соблекувалната затоа што успеавме да стигнеме само до реми на крајот. Против Лацио не играв, а на средбата против Каљари првенството веќе беше решено, а ние игравме пред публика од 80 илјади луѓе. Кажете ми како е можно да наместам нешто?" тврди поранешниот италијански репрезентативец.
Вмешаност во местенки отфрла и Кристијан Броки кој поради тешка повреда во дресот на Лацио, минатата година мораше да се прости од фудбалот.
„Не е убаво да ме има на насловни страници за вакви работи, но ова се само гласини. Сакам да зборувам со обвинителот и да му објаснам дека тие 110 контакти не е вистина дека се остварени за местење натпревари. Тоа се повици во кои ми бараат билети за повеќе натпревари. Некои луѓе ми бараа по шест, осум или десет влезници", вели поранешниот соиграч на Гатузо кој сега работи како тренер во младинскиот сектор на Милан.
Инаку исказите на главно осомничените Франческо Бацани и Спадаро Салваторе, за кои судските органи од Кремона имаат докази дека се поврзани со Македонецот Христијан Илиевски, помогнаа на виделина да излезат нови пикантерии во местенките.
Тие открија ново име кое соработувало со нив, а тоа е Кинезот Ванг Ји Киу познат по прекарот Масимо кој е сопственик на перална во Милано. Тој всушност ги помагал финансиски, но и вложувал многу пари откако тие ќе му посочат наместен натпревар.
Во истрагата стои дека Кинезот се обложил и погодил минимум осум меча од минатогодишното првенство за кои се уште нема докази дали сите се наместени. Дел од мечевите на кои се кладел и земал пари се Палермо – Интер 1:0 и Рома – Сиена 4:0.
Масимо ставал по неколку илјади евра на тикетите, а во една од кладилниците потрошил 21.000 евра за кладење.