Фудбалскиот учебник на Ибрахимовиќ

За Ибра знаеме дека е висок 1,95 метри, дека е силен, корпулентен и тежок за чување. Неговата конституција максимлно добро ја користи во фудбалот и најчесто во дуелите е победник. За тие што сакаат детално да учат како тоа се прави, нека ја прочитаат неговата многу корисна лекција.

Задржување на топката

Клучот е да не ја загубиш топката кога ќе ја добиеш. Ако сум сам, се обидувам да ја заштитам и да ги држам дефанзивците да не може да ме буткаат и да ми го реметат балансот. Тоа е важно бидејќи ако ја држам топката, така им давам на колегите шанса да ми се придружат во напад. Ја држам се додека остатокот од другите играчи не се приклучат во акцијата или пак другата опција е да тргнам сам кон голот. Тоа зависи од мојот инстинкт. Јас сум интелигентен играч и го правам вистинскиот избор во моментот.

Позиционирање

Се обидувам да се позиционирам каде што ќе можам да дојдам до топката. Понекогаш се враќам назад за да ја земам, друг пат барам простор за да му помогнам на тимот и навлекувам играч од одбрана. Потоа може да се обидам да отворам простор за играчите од среден ред да имаат друга опција, односно да ме пронајдат мене. Јас не сум тип на играч  кој трча далеку од таму каде што е играта, но понекогаш мора да се прави и таа жртва за тимот, па и по цена да не стигнам до топката. Со тоа се отвора простор за другите, а доколку играчите добро соработуваат на терен тогаш и друг напаѓач би го направил тоа следниот пат.

Да бидеш каде што е топката

Тука клучот е да направиш чекор пред тој што те чува и на тој начин да си создадеш простор. Не сум најдобар во ова, но Давид Трезеге е најдобар. Не сум видел поинтелигентен играч од него во шеснаесетник кога треба да се намести. Како да знае точно каде ќе биде топката, во воздух или на земја. Јас го немам тој инстинкт. Понекогаш на корнер влетувам на прва статива, а друг пат на втора.

Предвидување на играта

Се обидувам да предвидам што ќе се случи пред да стигнам до топката, каде се противниците и колегите и каде ќе бидат по неколку секунди. Гледам се додека не дознаам што одредени играчи имаат намера да сторат на терен. Но невозможно е секогаш да стигнеш на право место. Тие кои тоа го прават најчесто се најдобри играчи. Тоа е разликата меѓу топ играч и просечен. Најдобрите знаат да предвидат.

Борба со централните дефанзивци

Многу играчи од одбрана ќе те влечат или ќе те буткаат. Треба да бидеш подготвен за се и да не ги потценуваш. Тие ќе го прават тоа бидејќи ти си силен, а они се слаби. Фантастичен играч нема да го избегне тоа и ќе игра фер. Малдини и Неста се такви противници, но навистина ги почитувам.

Справување со разни ситуации

Некои дефанзивци ќе се обидат да те малтретираат психички или физички, други ќе ти ја вреѓаат фамилијата. Таквите ме викаат циган. Мајка ми е од Хрватска, татко ми од БиХ, јас сум роден во Шведска  и се чувствувам 100% како Швеѓанец. Јас не се вознемирувам со таквите. Клучот е да се фокусираш на тоа што треба да го правиш на терен, а не на тоа што ќе ти го речат зад грб. Друга работа е што мора да запаметиш дека имаш одговорност кон тимот и да не реагираш бурно. Ако мислиш дека тоа е дел од твојата работа да бидеш мирен, тогаш тоа може да помогне.

13 март 2015 - 15:13