Запознајте го Верон, презимето кое се очекува во иднина уште долго да го слушате и читате во фудбалот. Ама ова не е на Хуан Себастијан, туку на Дејан, син на славниот аргентински фудбалер и внук на Хуан Рамон, освојувач на три трофеи во Копа Либертадорес.
Со Дејан Верон, роден 2000-та кога татко му славеше Скудето со Лацио, доаѓа третата генерација на играчи, дедо, син и внук, сите заразени од истата страст наречена фудбал и тоа сите во ист клуб, а тоа е Естудијантес, како што е примерот во Милан со Малдини.
Дејан е офанзивно крило кој го носи дресот со број 11 во Естудијантес и кој ја продолжува традицијата во семејството долга половина век. За него допрва треба да се види како ќе му се движи фудбалскиот пат.
Татко му Хуан Себастијан Верон беше играчиште кој доминираше во среден ред, со страшна визија за игра, генијални пасови и шутеви, како и слободни удари со неодбранливо ефе.
Тој е дете на Естудијантес каде ја почна и ја заврши кариерата дури на 42 години, а голема ѕвезда беше и во европскиот фудбал, најпрвин во Серија А, па во Премиер лигата. Играше за Манчестер Јунајтед и Челси, но најмногу се прослави во Лацио каде направи трансфер од Парма во 1999-та, вреден 30 милиони евра, еден од најскапите во тоа време.
Тоа беше неговата сезона на кариерата, бидејќи освои Скудето, анулирајќи му 9 бода на Јуве предводен од Анчелоти, потоа Куп на Италија, Супер Куп на Италија и Супер Куп на Европа против онаа славна генерација на Манчестер Јунајтед предводена од Фергусон.
Доколку Серџо Крањоти ги немаше големите финансиски проблеми поради кои продаде ѕвезди како него, Неста и Креспо, тој ќе останеше во Рим, каде беше еден од омилените играчи на навивачите и најважната алка во играта на тимот предводен од Ериксон.
Настапуваше и за Сампдорија, Парма и Интер, а сега е претседател на Естудијантес Ла Плата, клубот во кој успеа да го врати финансискиот баланс и да го реновира „Хорхе Луис Хирски“, стадион со 30.000 седишта. Тоа беше возбудлив проект за навивачите, најавуван со видео презентација една година претходно на социјалните мрежи.
Дејан е третата гордост во семејството кое влезе во срцето на Естудијантес, каде порасна татко му кога тој не бил роден. Пред да ја заврши кариерата, Хуан го одржа ветувањето на навивачите дека ќе освои Копа Либертадорес, тоа се случи во 2009-та против Крузеиро.
Највредниот трофеј во Јужна Америка со Естудијантес го освои и татко му и тоа три пати во низа од 1968 до 1970, исто така играјќи со број 11. Хуан Роман Верон го крена пехарот и во Интерконтиненталниот куп во 1968 и тоа со гол во финале против Манчестер Јунајтед на Боби Чарлтон и Џорџ Бест.
Сега има 76 години и не пропушта натпревар на својот поранешен клуб, каде син му е претседател, а внук му играч. Каква бајка.