Крис Никол е поранешен репрезентативец на Северна Ирска кој има играно во Англија. Играл на позиција стопер и бил највисок во тимот на Астон Вила кој во 70-те два пати го освојуваше Лига Купот.
И покрај тоа што има 69 години и 32 години откако е отиден во пензија, медиумите го потсетуваат и го навраќаат на еден доста голем куриозитет кој веројатно друг никој не успеал да го направи.
Се работи за меч од Првата дивизија одигран меѓу Лестер и Астон Вила во 1976-та. Интересен и неизвесен меч кој завршил 2:2. Што е тука интересно? Па стрелец на сите 4 гола е еден ист фудбалер, а тоа е Крис Никол. Математиката ви е веќе јасна: два гола за Астон Вила и два автогола. Никол не брои колку години се поминати од тој историски натпревар.
„Појма немав дека е 30 годишнина од мечот се додека не ми кажавте. Нема да можев да ви одговорам кога се случило, но еве сега знам во 1976 година. Јас и тогаш не бев вознемирен, бидејќи два пати израмнував за Астон Вила и бидејќи нерешено со Лестер во тоа време беше добар резултат. Имавме добар тим тогаш. Не завршивме горе на табела, но имавме добри играчи. Тоа беше старт на заживување на Астон Вила која потоа во 1982-ра го освои Европскиот Куп“, вели стрелецот на сите четири гола.
Има и омилен меѓу нив.
„Третиот гол на мечот односно мојот втор автогол беше бомба. Најдобар гол кој сум го постигнал во кариерата. Нема голман што може да го одбрани тоа. За среќа постигнав и четврти на мечот со кој го израмнив резултатот и тоа ми беше олеснување“.
Со ова достигнување Крис Никол влезе во Гинис и е среќен кога го прашуваат за забавната страна на тој меч.
„Кога ги постигнав тие четири гола, по мечот го прашав судијата дали можам да ја задржам топката. Тој рече не, бидејќи тоа му бил последен меч и планирал тој да ја задржи топката. Е тука немав среќа, тоа беше мојот прв хет-трик за Астон Вила и пак не ја добив топката. Се сеќавам дека пред тој меч бев во домот на Реј Грејдон, мој близок пријател кој беше одличен играч од среден ред за Вила во тоа време и тој ги чуваше дома сите пет топки со кои има постигнато хет-трик за Астон Вила.“
За вториот автогол против Лестер, стоперот на Астон Вила смета дека е подобар и од овој негов гол против Евертон кој го постигна во финалето на Лига Купот во 1977 година.