Михаел Лаудруп, Јувентус (1985 – 1989), Барселона (1989 – 1994)
Славниот дански фудбалер од средината на теренот, во Јуве пристигна од Лацио и играше во тандем со Мишел Платини. Во 1987-ма ја освоија Серија А и Интерконтиненталниот куп. Во четвртфиналето од Лигата на шампионите во сезоната 1985/1986 играа токму против Барселона, а Каталонците беа подобри со вкупни 2:1. По добрите партии со Јуве, Јохан Кројф го препорача во Барселона и потоа од 1989-та до 1994-та освои 4 титули во Примера и првата европска круна.
Тјери Анри, Јувентус (1999), Барселона (2007-2010)
Како 21 годишен, францускиот напаѓач во 1999 година направи трансфер од Монако во Јувентус. Но Карло Анчелоти не му даде шанса и по само шест месеци се пресели во Арсенал. По осум блескави години во Лондон, Анри направи трансфер во Барселона вреден 24 милиони евра. Под водство на Рајкард не му одеше, но одлично му тргна со Пеп Гвардиола во сезоната 2008/2009 кога постигна 26 голови и во тандем со Меси и Ето стигна до тројната круна.
Едгар Давидс, Јувентус (1997-2004), Барселона (2004)
Холандскиот “питбул“ во Торино пристигна во 1997-та од екипата на Ајакс. Освои три Скудета, но загуби две финалиња во ЛШ, 1998-ма од Реал Мадрид и 2003-та од Милан. По седум години, во зимскиот преоден рок во 2004 година премина во Барселона на шест месечна позајмица. Имаше солидни партии, но Рајкард не сакаше да го задржи па се пресели во Интер.
Џанлука Ѕамброта, Јувентус (1999-2006), Барселона (2006-2008)
Поранешниот италијански репрезентативец стана трет играч кој направи трансфер од Јувентус во Барселона. По скандалот Калчополи кога Јуве беше исфрлен во втора лига, многу играчи го напуштија Деле Алпи, а меѓу нив и Ѕамброта за сума од 14 милиони евра. Со Јуве освои седум трофеи, а со Барса само Супер куп на Шпанија. Кога во 2008-ма Гвардиола стана тренер на Барса не го планираше во состав па тој направи трансфер во Милан.
Лилиан Турам, Јувентус (2001-2006), Барселона (2006-2008)
За време на Калчополи и Турам реши да оди на релација Јуве – Барса, а трансферот ги чинеше Каталонците 6 милиони евра. Со Јуве освои две Скудета, а потоа со своите 34 години не и помогна многу на Барселона додека Реал ја имаше доминацијата. И тој го освои само Супер купот.
Мартин Касерес, Барселона (2008-2009), Јувентус (2009/2010, 2012 -)
Уругвајскиот дефанзивец е единствениот кој играше во Барселона па во Јувентус. Иако не се снајде на Камп Ноу, освои Примера, ЛШ и Копа деј Реј и по една година замина на позајмица во Јувентус. По една сезона следуваше уште една позајмица во Севиља, но кога во 2012 година Антонио Конте го презеде Јуве го откупи неговиот договор и тој ги освои сите четири Скудета во низа во Серија А.
Златан Ибрахимовиќ, Јувентус (2004-2006), Барселона (2009-2010)
Трансферот на Златан во Јуве се случи во 2004 година кога Италијанците на Ајакс му платија 14 милиони евра. Под водство на Фабио Капело освои две титули во Серија А, но потоа се случи Калчополи и тој премина во Интер. Во 2010 година замина во Барселона за рекорден трансфер на каталонскиот клуб од 44 милиони а во пакетот Интер го доби и Самуел Ето. Швеѓанецот им се придружи на Меси, Анри, Педро и Бојан Кркиќ. По недоразбирања со Гвардиола, Ибра после една година ја напушти Шпанија и замина на едногодишна позајмица во Милан кој по една година му го откупи договорот за 24 милиони евра. Интересно е што со Јуве за две години освои само еден трофеј, а со Барселона за таа една година освои два Супер купа, Супер куп на Европа, Примера и Светско клупско првенство.
Хуан Пабло Сорин (Јувентус 1995/1996), Барселона (2003)
Ретко кој се сеќава дека левиот бек од Аргентина играше во сезоната 1995/1996 за Јувентус, затоа што имаше само два настапи во Серија А. Во 2003 година српскиот стратег Радомир Антиќ го сакаше во тимот, а челните луѓе на Барселона го доведоа на позајмица од Лацио.