Во Естонија војската е задолжителна за мажите во период од 8 месеци, но професионалните спортисти се должни да служат 3 месеци. Пик почнал на 29 септември, но истовремено по неколку недели му се зголемија обврските.
Селекторот Магнус Персон го ставил во поширокиот состав од 30 играчи за двете квалификациски средби против Литванија и Англија, но не влегол во конечната листа на 23 фудбалери за првиот меч.
На средбата против Литванија Таијо Тенисте се повредил, а Кен Каласте добил црвен картон, па селекторот морал во првиот состав против Англија да го стави третиот избор за левата бековска позиција.
Артур Пик бил повикан ноќта во петок, а првиот и единствен тренинг со репрезентацијата го имал во сабота, на ден пред одигрување на мечот. Синоќа на квалификациите дебитираше со само 5 минути репрезентативно искуство и тоа на пријателски натпревар против Таџикистан кој се одиграл во јуни ова лето.
Тој е член на тимот на Ливадиа Талин и добива дозвола да тренира со клубот само по неколку пати неделно, бидејќи приоритет се неговите задачи во војска каде е должен да служи до Божиќ. По завршувањето на мечот, дресот веднаш го смени со воената униформа.
„Натпреварот беше тежок за мене, бидејќи немам можност да тренирам секој ден на фудбалски терен. Вечерва ќе мора да се вратам во касарната најдоцна до полноќ, а утре да станам во 6 сабајле“, изјави по мечот 21 годишниот фудбалер и војник.
Пофалби доби и од селекторот кој не беше воодушевен од Англичаните и кој изјави дека не го заслужиле поразот.
„Мислам дека Англичаните не беа толку опасни. Кога постигнаа гол од слободен удар мислев дека ќе треба да сторат нешто повеќе за да победат. Имам измешани емоции и морам да кажам дека сум горд за Артур што се бореше толку. Се држевме до нашата тактика. Но во фудбалот на крајот се гледа резултатот“, рече Персон.