Малку фалеше ФИФА по синоќешната истрага за случајот да го репне русокосиот дефанзивец и овој да го пропушти натпреварот на неговиот живот - полуфинале на Светско.
Од светската фудбалска куќа излегоа со соопштение дека „на Вида му е изречена опомена поради мешање политички контекст во фудбалот“ но не и суспензија до крајот од Мундијалот. Во друштво со Огнен Вукојевиќ кој е поранешен репрезентативец и сега член на стручниот штаб на селекторот, Вида снимил видео на кое викаат:
„Слава на Украина, даваи даваи“! и „Ова е победа за Динамо и за Украина! Напред Хрватска“.
И двајцата фудбалери играле за Динамо Киев - Вида од 2013 до 2018 а Огнен Вукојевиќ од 2008 до 2015. Русите се изненадени од ваквата прослава особено на Вукојевиќ кој извесно време (полусезона) беше позајмен во Спартак Москва.
Минатата година Вукојевиќ ја заврши кариерата а сега и помага на Хрватска во улога на скаут. Основната работа му е во Динамо Киев каде е скаут и помошник спортски директор. Познатиот руски новинар Владисласв Воронин успеал да поразговара со Вида на темата:
-Вие имавте во предвид дека таа победа е за Укрина?
„Не. Победата е за Хрватска. Нема никаква политика. Тоа беше шега. Таму (во Украина) имам другари уште од времето во Динамо Киев, ништо друго не ми паѓаше на памет“, одговорил Вида.
- Сигурен сте дека сите ќе сфатат дека е само шега?
„А зошто не би сфатиле?“
- Поради политика, Русите и Украинците не се трпат едни со други.
„Јас го сакам рускиот народ. Тоа беше само шега“.
Но таквата шала не ја разбрале сите. Осуда на постапката на Вида и Вукојевиќ преку социјалните мрежи стигнала до политичарите. Многумина се прашуваат зошто ако е шега не направиле такво нешто после победите над Аргентина, Исланд, Нигерија и Данска, туку баш сега после Русија?
Најгневен бил член на Советот на Руската Федерација, Франц Клинцевич кој изјавил дека сè било спремна и режирана провокација:
„Се радувам што никогаш не навивав за Хрватите, зошто тие отсекогаш биле предавници на нашиот славјански свет. И апсолутно сум убеден дека е неопходно да се преземат дипломатски и политички методи како одговор на оваа провокација.“
Се огласил и пратеник од Крим, Сергеј Цеков кој ја нарекол фразата „Слава на Украина“ фашистичка и побарал казна за Вида и Вукојевиќ:
„Да кажеше нешто такво некој од руската репрезентација, санкциите ќе беа драстични. Тоа е политика на двојни аршини. Не бива така да благодариш некому а притоа да навредиш друг. Можеле да ја изразат својата благодарност на друг начин, не со зборовите ’Слава Украијини’. Можеле да употребат други зборови за да му благодарат на клубот во кој играле а не со фашистички зборови за Украина“.
Коментар на ситуацијата дал и Хрватскиот фудбалски сојуз: „Фразата ’Слава на Украина’ е просто одговор на играчите на поддршката од таа земја за време на Светското, нема никаков политички контекст и нема навреди“.
Самиот Вида на крај се обидел уште еднаш да ја објасни ситуацијата:
„Немавме намера никого да повредиме. Во текот на кариерата имав соиграчи од многу земји и ги уважувам сите. Имам многу пријатели во Украина и во Русија. И горд сум на сите нив. Со радост зборувам на руски јазик и презадоволен сум од руското гостопримство на Светското 2018. Искрено се надевам дека моите зборови сите ќе ги сфатат само како зборови на благодарност за нашите пријатели од Украина и за нивната поддршка - не само на мечот против Русија туку во текот на целиот Мундијал“, пишува во пишаната изјава на Вида објавена на сајтот на Хрватскиот фудбалски сојуз.
Полуфиналето меѓу Англија и Хрватска се игра на 11 јули (среда) од 20 часот.