Кардиф Сити го изненади Манчестер Јунајтед и успеа да му украде бод на вчерашниот натпревар од 12-то коло на англиската Премиер лига. Конечните 2:2 ги постави Ким со гол во судиското продолжение, а првиот гол за Кардиф го постигна Фрејзер Кембел кој во минатото настапуваше за Манчестер Јунајтед.
26-годишниот напаѓач кој ги има поминато сите младински категории на репрезентацијата на Англија е продукт на академијата на Манчестер Јунајтед и многу добро го познава нивниот тим, а посебно поранешниот стратег Алекс Фергусон.
Викендов Кембел имаше шанса да игра против својот поранешен тим, а пред дуелот откри детаљи за неговото искуство и спомените кои тој ги има од Манчестер Јунајтед и Алекс Фергусон.
„Кога ќе дојдеше Сер Алекс во младинската академија, сите млади играчи ќе се соберевме и тој ни објаснуваше како функционира клубот и кои се неговите очекувања од професионалците.
„На крајот од една таква средба тој ме повика и ме прати да земам една кутија од шкафот. Му ја донесов кутијата и тој од неа извади огромен меч.
„Држејќи го мечот, Фергусон рече „Ако некој од вас се однесува непримерно, ќе бидам приморан да го земам мечов"", изјави Кембел.
Фрејзер Кембел помина 12 години со младинскиот и првиот тим на Манчестер Јунајтед, а во својата кариера има настапувано и за Хал, Тотенхем и Сандерленд.