Феноменот ќе студира маркетинг

Легендарниот Роналдо интензивно ќе се подготвува за новата улога како член на организациониот одбор на Светското фудбалско првенство во Бразил 2014, како и за Олимпијадата во Рио во 2016 година.

Поранешниот бразилски фудбалер Роналдо Да Лима веќе наредниот месец ќе се пресели во Лондон и ќе живее студентски живот. Некогашниот најдобар напаѓач одлучи да се запише на факултет и две години ќе  студира кај Сер Мартин Сорел, сопственик на компанијата „WPP".

Тоа го потврди и неговиот портпарол кој изјави дека Роналдо ќе прима совети и ќе учи трикови за маркетинг и комуникации од Сорел, кој е сопственик на најголемата светска компанија за маркетинг. Таму работат 162 илјади луѓе во 3 илјади канцеларии распространети во 110 земји.

„Поминаа 18 години откако одев на училиште, но сега се чуствувам одлично што ќе станам студент. Научив многу во животот, патував, но сега ќе учам од најдобриот. Нема да го оставам на мира, ќе го прашувам постојано, баш како фудбалер, а тој ќе мора да ме научи се„ – рече Роналдо.

Популарниот „Ил феномено" изминатиов период беше актуелен во јавноста поради учеството во телевизиско реално шоу каде "под будно" око на нутриционисти и лекари за три месеци ослабе околу 20 килограми. За учеството во шоуто во медиумите се зборуваше дека заработил 2,7 милиони евра.

118те килограми на Роналдо воопшто не му прилегаа ниту за годините, ниту за изгледот, а намалувањето на тежината му претставуваше големо олеснување пред хуманитарниот фудбалски натпревар кој го организираше неговиот поранешен колега Зинедин Зидан во Порто Алегре, Бразил минатиот 19 декември.

Роналдо ја заврши кариерата во Коринтијас во 2011 година, а во својата кариера има настапувано уште за шест клубови: Крузеиро, ПСВ, Барселона, Интер, Реал Мадрид и Милан. На репрезентативен план освои две светски првенства, во 1994 и 2002 година кога во финалето против Германија постигна два погодока.

Роналдо има куќи во Сао Паоло и Рио де Жанеиро, како и приватен остров во близина на Рио. Тој е познат и како голем "шмекер", а на само еден ден пред дочекот на новата година се разведе по трет пат, овој пат со Марија Беатриз Антони. Во 2008 година таа му го прости големиот гаф кога беше фатен во друштво на проститутка-трансвестит.

Наредната година љубителите на фудбалот ќе имаат можност да му ги видат и организационите способности како член на одборот на Мундијалот во Бразил. Истата улога ја доби и на Олимписките игри во Рио во 2016 година. Одлична прилика за Роналдо да покаже што научил на факс.

7 јануари 2013 - 20:38