По лошиот почеток во домашната Супер Лига каде има две нерешени во првите две кола, турските медиуми најавуваат дека Фенербахче против Вардар ќе го игра мечот на сезоната - за пласман во групна фаза од Лига Европа.
Нема многу филозофија: На Вардар му одговара дури и минимален пораз а Фенербахче за да оди понатаму ќе мора да даде дури три гола притоа без да прими од македонскиот шампион. Ако прими гол од Вардар, Фенер ќе мора да даде четири погодоци.
СОСТАВИТЕ
Црвено-црните ќе играат без својот најдобар играч, капитенот Бобан Грнчаров кој цело лето командува со кормилото во Европа. Фенербахче ќе биде без Жозеф де Соуза кој исто како и Грнчаров доби црвен картон на првиот меч.
Во однос на првите 11 турскиот тренер Ајкут Коџаман најави дека Солдадо овојпат ќе биде во составот од почеток, а најголеми дилеми има дали на голот да стои Идриз Камени кој во Скопје бранеше катастрофално или ветеранот Волкан Демирел.
Промена во тимот би можел да биде и Чилеанецот Маурицио Исла кој не играше на „Градски“ а исто и Роман Нојштадер кој на стопер ќе треба да го замени очајниот Топал кој направи две кардинални грешки за двата гола на Вардар. Останатиот дел од тимот ќе остане ист како пред една недела.
„Ќе се обидеме со долги топки да ја пробиеме одбраната на Вардар“, кратко најави тренерот на Фенербахче.
Кај Вардар во последниот меч против Победа во првенството, Грнчаров беше на клупата а со Новак во одбраната заигра Дарко Велковски. Тука е и летното засилување од Ренова, Висар Муслиу кој би можел да има жешко европско деби против Фенербахче. Повредени нема така што Јаневски единствена дилема ќе има кој да го замени незаменливиот Грнчаров позади.
ОДБРАНАТА НА ФЕНЕР ШВАЈЦАРСКО СИРЕЊЕ
Фенерахче не беше во состојба да го сочува својот гол на последните 13 официјални натпревари. Жолто-плавите примија 4 гола во првите 2 кола од првенството (минатата сезона имале 5 кола без примен гол). Последен пат ја сочувале мрежата непипната на 23. април во дербито со Галатасарај. Оттогаш наваму примаат гол на секој меч во Турција и во Европа.
ЛОША ТРАДИЦИЈА ВО ЕВРОПА
Во однос на европските Купови, Фенербахче во последните 19 години дури 27 пати испаѓал во квалификациите откако го губел првиот меч и бил елиминиран. Само еднаш, во сезоната 1998/1999 Фенербахче го загубил првиот меч против Гетеборг а реваншот успеал да го добие.
Сево ова му оди во прилог на Вардар кој има предност од високи два гола. Од друга страна, Вардар загуби 9 од последните 12 гостувања во Европа, но летово нивната игра и настапи се друга песна.
СТАДИОНОТ ТВРДИНА
Фенербахче на својот стадион „Улкер Арена“ нема пораз пред своите навивачи на последните 11 европски меча: има 8 победи и 3 нерешени средби. Од вкупно 108 меча пред своите гледачи во Истанбул, Фенербахче имаа 54 победи. На овие средби дале 159 гола а примиле 118 погодоци.