Фасцинантните бројки на Килијан Мбапе во репрезентација

Франција за сега ја оправдува титулата актуелен светски шампион. Триколорите предводени од одличните Мбапе, Жиру и Гризман фатија одличен залет за завршницата. Следен предизвик им е Англија.

Со двата гола на Килијан Мбапе и еден на Оливие Жиру, Французите лесно се справија со Полска (3:1) и заслужено стигнаа до четвртфинале.

На овој натпревар Жиру со нов гол го надмина Тиери Анри на вечната листа најдобри стрелци во репрезентацијата на Франција. Центарфорот на Милан на 116 натпревари постигна досега 52 гола и е лидер.

Покрај сјајниот Жиру, уште подобро игра и Мбапе кој веќе постави или се приближи на многу рекорди.

Килијан веќе има повеќе погодоци за Франција од на пример Зинедин Зидан кој 12 години го носеше синиот дрес. Мбапе има 33 гола на 62 натпревари и прашање на време е кога ќе ги стигне па и надмине Давид Трезеге (34), Карим Бензема (37), Мишел Платини (41), Гризман (42).

Жиру има 19 погодоци повеќе од супер ѕвездата на ПСЖ но и двојно повеќе настапи за Франција (116 со 62).

Меѓу фудбалерите кои имаат повеќе од 20 средби за „галските петли“ Мбапе има во просек по 0,52 гола по натпревар, а од сите пост-воени репрезентативци само Жан-Пјер Папен (0,56), Мишел Платини (0,57) и Жист Фонтен (1,43) имаат за сега поголема ефикасност во однос на одиграни натпревари. Фонтен има 30 гола на 21 средба.

За Франција до 24 години никој не постигнал колку Мбапе. Трезеге до свои 24 дал 19 гола, Бензема 13, Платини 12, Анри 11, Гризман 5. Неверојатниот Килијан стана и прв фудбалер кој дал 9 гола на Светски првенства до 24 години.

Бразилецот Роналдо почна да дава голови од Мундијалот 1998 во Франција на 22 години, а до 8 гола на Светски првенства стигна во 2002-ра и на крајот има 12 погодоци на најголемиот светски фудбалски турнир. Миро Клозе на прв Мундијал дошол на 24 години и вкупно постигна 16 гола досега што е апсолутен рекордер.

5 декември 2022 - 10:31