Пред неколку дена се појавија првите снимки од индивидуалните тренинзи на Кристијан Ериксен на кој се гледа желбата за кам бек. Нема клуб, бидејќи мораше да го раскине договорот со Интер, а тренира во швајцарскиот третолигаш Киасо.
Шест месеци откако колабираше на првиот меч на Данска на ЕП против Финска, тој има јасна цел, а тоа е да се врати, да докаже дека е на истото ниво и да заигра на Светското првенство кое се игра во ноември оваа година.
„Целта ми е да играм на Светското првенство во Катар. Сакам да играм, тоа ми е целта и сонот. Дали ќе бидам повикан, тоа е друга работа. Мојот сон е да се вратам. Сигурен сум дека можам бидејќи не чувствувам никаква разлика. Психички сум добар. Ќе играм фудбал се додека не докажам дека сум на исто ниво. Срцето не ми е пречка“.
Во најновото интервју, поранешниот фудбалер на Интер и Тотенхем, зборува и за огромната поддршка која ја добил од сите страни.
„Беше неверојатно тоа што луѓето почуствуваа потреба да ми пишат или да ми испратат цвеќе. Тоа влијаеше на многу луѓе и ме израдува. Во болница ми зборуваа дека добивам се повеќе цвеќе. Беше чудно, бидејќи не очекував да праќаат цвеќиња бидејќи бев мртов пет минути.
Многу ми помогнаа сите тие убави пораки кои ги добив и луѓето се уште ми пишуваат. Им се заблагодарив лично на тие што ги сретнав, на докторите, соиграчите и нивните семејства. Им благодарам на сите навивачи кои ми испратија илјадници писма, мејлови и цвеќиња и на оние кои ме сретнаа низ улиците во Италија и Данска“.