Месут Озил одново ја подели германската јавност. Светскиот шампион со Германија од 2014-та, денес фудбалер на Арсенал, веќе подолго време не е тема на разговор од фудбалски причини туку за работи надвор од теренот.
Пред помалку од една година се појави фотографија на Месут Озил со турскиот претседател и играчот на Манчестер Сити Илкај Гундоган. Озил, кој е роден во Гелзенкирхен од турски родители подоцна уште еднаш ќе се сретне официјално со Ердоган, овојпат на свадбата закажана за летово со неговата девојка Амине Ѓулсе.
Озил го поканил Реџеп Тајип Ердоган да биде сведок на свадбата во Истанбул.
Тоа не им се допаднало на властите во Германија каде Сара Хелге Браун, шеф на федералната канцеларија изјавила дека германската канцеларка Ангела Меркел е ожалостена и разочарана од одлуката на Месут.
„Приватна одлука е, но сите сме разочарани што некој што ја виде каква реакција од јавноста предизвика неговата прва средба со Ердоган, и некој што толку долго го носел дресот на репрезентацијата, направил слична постапка. Фудбалерите се симбол на нашето општество со кои луѓето се идентифукуваат многу повеќе отколку со политичарите“, изјавила Хелге Браун.
Во мај 2018 година откако имаше лавина критики за фотографијата со Ердоган на кого му подари и дрес на Арсенал, Озил се огласи на Твитер каде напиша дека има „две срца - едно германско и едно турско“ и дека средбата со Ердоган била гест на почит кон највисоката државна функција на земјата од каде потекнуваат неговите родители“.
Со нови критики некогашниот фудбалер на Шалке и Реал Мадрид се соочи по срамното испаѓање на Германија од Мундијалот 2018 во Русија после што реши да ја напушти репрезентацијата со која стана светски шампион.