Светската куќа на фудбалот не направи исклучок дури ни кога станува збор за оддавање почит кон починат фудбалер. ФИФА и нареди на репрезентацијата на Еквадор да го употреби дресот со број 11 на Светското првенство во Бразил и покрај тоа што тие засекогаш го повлекоа од употреба.
Дресот со овој број беше повлечен од употреба во чест на напаѓачот Кристијан Бенитез кој во јули минатата година почина од срцев удар, но ФИФА соопшти дека секој број од 1 до 23 треба да се употреби без никаков исклучок.
Кристијан Чучо Бенитез одигра 58 натпревари за Еквадор на кои постигна 24 голови со што тој е трет најдобар стрелец во историјата на репрезентацијата. Во минатото го носеше дресот на Ел Насионал, Сантос Лагуна, Бирмингем и Америка, а почина на 27-годишна возраст само еден ден откако дебитираше по трансферот вреден 15 милиони евра во катарскиот клуб Ел Џаиш.