Илија Несторовски го постигна 37-то погодок за Палермо со што го стигна Кавани и влезе во топ 10 листата на најдобри стрелци во историјата на клубот. Неговиот репрезентативен колега, Иван Тричковски на Кипар оствари уште поголем успех.
АЕК Ларнака славеше 2:3 на гостувањето против АЕК Лимасол и го оствари третиот триумф по ред во плејофот во кипарскиот фудбалски шампионат. Меѓу стрелците беше и Тричко кој стигна до гол број 72, а тоа му донесе нова историја на клубот.
Тричковски го мина Лефтерис Елефтериу кој има 71 гол и стана најдобар стрелец во историјата на клубот. Каков успех за македонскиот напаѓач кој за три дена ќе наполни 32 години.
7️⃣2️⃣ Goals - Ivan Trickovski
— AEK Larnaka (@AEK_LARNAKA) April 14, 2019
Πρώτος στον πίνακα των σκόρερ σε όλη την ιστορία #AEK! 👏 pic.twitter.com/Tag2MnfBT5
Тој настапува за АЕК Ларнака од 2016-та година кога направи трансфер од Легија Варшава, а лани го освои Купот на Кипар.
За него ова е најдобрата сезона во кипарското првенство со до сега 15 постигнати гола и три признанија за МВП на 17-то, 18-то и 21-во коло. Во сезоната 2016/2017 постигна 14 гола.
Тричковски ја почна кариерата во Вардар во 2004-та година, потоа играше за Работнички, па Црвена Ѕвезда, а од 2010-та до 2012-та настапуваше за АПОЕЛ. Уште во првата негова сезона ја славеше шампионската титула, а следната беше првотимец и во Лига на шампиони каде кипарскиот шампион направи историски подвиг стигнувајќи до топ 8.
Тричко му даде еден гол на Шахтјор Доњецк во групната фаза, но во четвртфинале беа елиминирани од Реал Мадрид. Во 2010-та Локерен нудеше 1,2 милиони евра за македонскиот крилен напаѓач. АПОЕЛ ја одби понудата, но за истата сума две години подоцна му го продаде на Клуб Бриж.
За Македонија има 54 настапи и 5 гола.