Поради епидемијата на вирусот Ебола во Африка веќе починаа 5.000 луѓе (пред сè во Гвинеја, Либерија и Сиера Леоне) и од таа причина министерството за здравство на Мароко му наложи на фудбалскиот сојуз на оваа земја да се откаже од организацијата на Купот на Африка.
Натпреварувањето е предвидено да се одигра од 17 јануари до 8 февруари следната година, а Мароко како домаќин утринава соопшти дека нема да ги пречека најдобрите африкански селекции.
Мароканскиот сојуз имаше ултиматум од 7 дена да ја образложи одлуката, а по нивното одбивање да играат, фудбалскиот комитет на Африка соопшти дека ќе бара највисока казна за Мароко од арбитражниот суд на ФИФА во Лозана. Во меѓувреме, понудата за замена на домаќинството ја одбија Гана, Египет и Јужна Африка, каде министерствата за здравство не дале зелено светло за одржување на Купот на Африкански нации.
Собирот на најдобрите репрезентации од црниот континент се одржува на секои две години, а почна во 1957-ма година, кога прв домаќин беше Судан. Со седум освоени трофеи, Египет е најуспешна селекција на Купот. Последен домаќин беше Нигерија во 2013-та година.
Конечната одлука на Мароко го доведува во прашање и одржувањето на Светското клупско првенство, кое треба да се одржи од 10-ти до 20-ти декември и на кое меѓу другите играат Реал Мадрид како шампион на Европа и Сан Лоренцо како првак на Јужна Америка.