Одличниот центарфор на Милан, Хрватот Анте Ребиќ често ги помагал луѓето од своето родно место, недалеку од Сплит кое брои околу 500 мештани.
Во 2018-та година, најдобриот другар на Ребиќ и негов некогашен соиграч во младите категории на Сплит и младата репрезентација на Хрватска, Ловро Шиндик открил за австриските медиуми за големата хуманост на Ребиќ.
„Во родното село свраќа кога е слободен и има време. Еднаш кога се врати одлучи да ги исплати кредитите на сите 500 мештани кои беа пресреќни“, раскажал Ловро Шиндик.
Ребиќ, кој вечерва со Милан ќе игра во Лига Европа против Црвена звезда и деновиве направил големо хумано дело. Донирал 10.000 евра за проширување и изградба на нов објект за институтот за рехабилитација за деца „Златни цекин“ во Славонски Брод.
„Од срце му заблагодаруваме на Анте Ребиќ на овој прекрасен гест и големата финансиска помош која ни ја даде. Фала и на нашите фратри од Далмација, на пријателите на Ребиќ кои не препорачаа кај него. Подоцна и Градот Славонски Брод се вклучи во акцијата, така што ќе можеме да продолжиме со работите почнати минатата година иако е голема криза секаде“, рекол фра Илија Јерковиќ, управител на рехабилитацискиот дом за деца „Златни цекин“.
Во овој центар има околу 220 мали деца со потешкотии во развојот и таму добиваат нега, а родителите стручна помош.
„Би сакал да го запознаам господинот Ребиќ ако ми се укаже прилика за тоа. Одличен фудбалер е, се сеќавам на неговите игри на Светското првенство во Русија, а сега покажа и дека е голем и племенит човек. Направи многу за нашата институција. За жал денес ретко кој се сеќава на децата со потешкотии, се друго има приоритет, но благодарение на луѓето како него одиме помалку напред“, вели фра Илија.